Припадници на МВР го уапсија У.Б.(2002) поради постоење основи на сомнение дека убил осум лица, а ранил 14, соопшти српското Министерство за внатрешни работи.
Тој е осомничен дека синоќа во селото Мало Орашје кај Смедерево, со огнено оружје уби пет лица, а рани шестмина, а потоа во селото Дубона кај Младеновац уби уште три лица, а рани осуммина.
Потоа, како што се сомнева, запрел таксист и го принудил да го однесе во селото Вињиште кај Крагуевац, каде што полицијата го уапсила.
Полицијата при претрес на викендицата што ја користел осомничениот во Шевшин, пронашла карабина со оптика, пиштол, сигнален пиштол, два пригушувачи, ловечки нож и друго оружје, 164 куршуми различен калибар, 13 ловечки патрони, 12 патрони, 4 сигнални куршуми и 25 парчиња муниција карабина, пренесува српски N1.

Исто така, при претрес на куќата и помошен објект во населба Вињиште, полицијата пронашла четири рачни бомби, неколку кутии пиштолска муниција, неколку парчиња муниција за пушка, рамка за пиштол, две рамки најверојатно за автоматска пушка, носач за оптика, како и автоматска пушка без фабрички број.

Во големата акција учествувале повеќе од 600 полицајци, припадници на Управата за криминалистичка полиција, Специјална антитерористичка единица, Жандармерија, Полициска бригада, Единица за обезбедување, Сообраќајна полиција, Служба за специјални истражни методи, Единица за интервенција 92, Единица хеликоптер, Сектор за аналитика, телекомуникации и информации технологија, како и регионалните полициски администрации во Белград, Смедерево и Крагуевац.

Како што известуваат, понатамошната работа на полицијата и обвинителството е во тек.
Подготви: Ј. Ѓ.







