Собраниската Комисија за европски прашања попладнево ја заврши расправата за Предлог-законот за измени и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка, и го проследи на натамошна постапка во Собранието. Во попладневниот дел од работата, Комисијата не усвои ниту еден од седумте предложени амандмани за предлог-законското решение од страна на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
Веднаш по завршување на амандманската расправа за збор се јави заменик-министерот за транспорт и врски Беким Реџепи кој истакна дека со измените на Законот за урбанистичко планирање се воведува нова метода која ќе биде употребена за изградба на автопатите и гасоводите и која, како што рече, ќе даде подобри и побрзи резултати.
-За изградбата на проектите кои се од стратешко значење се менува процедурата за градба која ќе овозможи многу поедноставна и побрза реализација на проектите, рече Реџепи.
По завршувањето на неговиот говор, Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ во процедурална забелешка рече дека е вообичаено претставникот на Владата да даде образложение за измените на почетокот на расправата, а не на нејзиниот крај, за да можат пратениците со контра аргументи да му реплицираат на говорот. Таа побара на утрешната седница на Комисијата прво предлагачот да ги образложи измените на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење, по скратена постапка, а потоа пратениците да расправаат, што беше прифатено од заменик-министерот.
Претходно, во својот говор Лидија Петковска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека законите не смеат да се менуваат заради одреден проект, туку треба да воспостават систем за заштита.
Собраниската Комисија за европски прашања утре ќе ги разгледува Предлог-измените на Законот за градење, кој е дел од петте закони потребни за реализација на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10д. Претходно, Комисијата на натамошна собраниска постапка ги проследи и измените и дополнувањата на Законот за работните односи.