Американската амбасадорка Анџела П. Агелер нагласува дека движењето на Северна Македонија на патот кон Европската Унија има временска рамка, поставена од самата Унија, односно одржување на следната меѓувладина конференција, во ноември, но со усвоени уставни измени. Таа во интервјуто за МИА се осврнува на уставните измени, можноста за обезбедување на двотретинско мнозинство, но и на барањата на опозицијата за предвремени избори, а потоа да се размислува за измени на Уставот.
Агелер нагласува дека или се дава поддршка или се зазема став против за она што е потребно за придвижување на земјата кон ЕУ.
-Знам и дека има такви надвор од оваа земја, а и во земјава, кои би сакале да му наштетат на тој процес на придвижување напред, а постои и временска рамка со Европската унија, како и следната меѓувладина конференција, која е важна и доаѓа во ноември, така што и тоа е дел од разговорот. Не сум убеден во тоа, но има и такви кои велат дека не ги поддржуваат уставните измени, освен ако нема предвремени избори па потоа ќе ги поддржат. Мислам дека или поддржуваш да се направи она што е потребно за придвижување кон ЕУ или си против. И повторно се надевам дека оние, во која било партија, кои се грижат за иднината на оваа земја ќе ги донесат одлуките за да се продолжи напред и ќе ги преземат активностите што се неопходни за придвижување кон ЕУ. Сега дали тоа значи предвремени избори или не, дали ќе се случат следната пролет, не можам да предвидам, но ќе видиме што ќе се случи, а верувајте ми, гледаме многу внимателно, вели Агелер.