Министерот за економија Крешник Бектеши денеска се обрати на настан по повод одбележување на Светскиот ден на метрологијата 20 мај, кој го организираше Бирото за метрологија.
Министерот им честиташе на вработените и на директорот, Абдил Селам Селами и им посака успех во работата.
„Бирото за метрологија, како орган во состав на Министерството за економија е државна национална метролошка институција, која ги спроведува тие мерења, точни и прецизни, еднакви со мерењата во светот. Како најважна алка во инфраструктурата за квалитет, Бирото за метрологија дава суштински придонес кон надминување на техничките бариери, кон фер трговијата како и кон грижата за потрошувачите. Верувам дека ќе се согласите со мене дека фер трговијата и заштитата на потрошувачите не е возможна без развиен метролошки систем.
Метрологијата е многу важна и би било многу тешко да се замисли модерниот свет на трговијата и на индустријата без ваков Институт. Потребна е современа опрема за извршување на работата во делот на метрологијата“ кажа министерот Бектеши во своето обраќање.
Министерот потсети за достигнувањата на Бирото за метрологија со поддршка на Министерството за економија и Владата
„Во 2019 година беше набавена мобилната лабараторија за тестирање на квалитетот на горивата која беше акредитрана на почетокот на 2020 година. Акредитирана е за 16 методи за тестирање на бензин и дизел. Од акредитацијата, па се до денес, Државниот пазарен инспекторат константно ја користи оваа лабораторија при контрола на домашниот пазар на течни горива. И во најкус можен рок, на лице место се добиваат резултати од тестирањето на квалитетот на нафтата и нафтените деривати, што е од круцијално значење при вршење на увоз и надзор на домашниот пазар. Поради неможноста на Државниот пазарен инспекторат да го контролира квалитетот на увезениот мазут во земјава, откако беше утврдено дека неквалитетен и опасен мазут се увезува во земјава, во 2021 година Владата го задолжи Бирото за метрологија да набави опрема за испитување на квалитетот на мазутот. Опремата беше набавена и акредитирана во рок од три месеци со седум мерни инструменти за тестирање на повеќе од 10 параметри на мазутот, а согласно сите барања на стандардот МКС Б.Х2.430, за тестирање на квалитетот на мазутот и маслата за горење“ кажа министерот
Во однос на следните проекти кои работи Бирото за метрологија министерот Бектеши кажа дека паралелно со развојот на гасоводните мрежи, се јави и потребата за испитување и верификација на гасомери и електронски коректори на зафатнина на гас.
„Поради фактот што во Република Северна Македонија не постои лабораторија за испитување и верификација на гасомерите и електронските коректори на зафатнина на гас, Бирото за метрологија, направи напори за формирање на лабораторија за оцена на сообразност и верификација на наведените типови на мерила. Имено, заради непостоење на ваква лабораторија за испитување и верификација на гасомерите и електронските коректори на зафатнина на гас, сите мерни инструменти (гасомери) се верификуваа надвор од Република Северна Македонија во соодветни опремени и акредитирани лаборатории. Овие денови, мерната опрема за верификација на гасомери се поставува во лабораторискиот центар на Бирото за метрологија и истата во целост ќе ги исполнува барањата на европските стандарди за оцена на сообразност и верификација на гасомери“ кажа министерот.
На крајот министерот кажа дека поддршката за понатамошниот развој на Бирото за метрологија, а воедно и метролошкиот систем во Република Северна Македонија и натаму ќе биде приоритет на Министерството за економија, се со цел да се подобри конкурентноста, производството, трговијата, како и квалитетот на животот на сите нас.