Хакерска група спонзорирана од кинеска држава инфилтрирана е во големите инфраструктурни мрежи во САД, соопшти вчера Вашингтон, неговите западни сојузници и Мајкрософт, предупредувајќи дека слични акции може да се случат ширум светот.
Во заедничко соопштение на властите задолжени за безбедноста на информациите во САД, Канада, Велика Британија и Нов Зеланд, се предупредува дека се забележани „низа активности“ поврзани со „кинескиот државен кибер актер, познат и како Волт Тајфун“.
– Таквата активност влијае врз мрежите на главните американски инфраструктурни сектори и субјектот што ги извршува нападите може да ги примени истите методи … низ целиот свет, се наведува во соопштението.
Додека Мајкрософт соопшти дека „Волт тајфун“ е активен од средината на 2021 година и дека, меѓу другото, имал за цел важна инфраструктура на островот Гуам, каде е лоцирана голема американска воена база во Тихиот Океан.
– Набљудуваното однесување води до заклучок дека злонамерниот актер има намера да се вклучи во шпионажа и да го одржува пристапот (до инфраструктурата) што е можно подолго без да биде забележан, се истакнува во соопштението на американската технолошка групација.