Уметникот и графички дизајнер Зоран Кардула, како поддршка за „Крушево град на културата за 2023 година“, илустрира постер „На кафе во Крушево“ инспириран, како што вели, од шољите за кафе на баба му.
„Крушево оваа година е град на културата па моја поддршка со еден постер инспириран од шољите за кафе на баба ми, направени од најфин порцелан, безвременски дизајн. Посетете го Крушево па макар и на кафе и осетете ја убавината и спокојот кој го нуди ( плус продолжен викен)“, порачува Кардула.
Со посетата на галеријата „Мартиноски“ и концертот на евергрини на Камерниот оркестар од Битола „Безвременска хармонија“, пред споменикот „Македониум“ во Крушево на 27 мај и официјално почна манифестацијата „Град на културата 2023“.
На отворањето на манифестацијата, која оваа општина ќе ја реализира во текот на годината под мотото „Крушево – жив споменик на културата“, пред присутните се обратија министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и градоначалникот Томе Христоски.
Во рамките на манифестацијата, во Крушево во текот на целата година ќе се реализираат голем број настани на различни локации во и околу градот.
Реализацијата на програмата на проектот „Културен град“ е во соработка со локалната самоуправа и е од особено значење за зајакнување на културниот развој и развојот на туризмот на локално ниво.
Крушевчанецот Зоран Кардула, кој живее и работи во Скопје, во август минатата година одржа изложба во споменикот Илинден што беше во рамките на манифестацијата „Десет дена Kрушевска Република“.
Во изјава за ФРОНТЛАЈН, Кардула рече дека во сеќавање му е и Star Wars сериалот кој го гледал во киното во Крушево и уште тогаш имал впечаток како Македониумот да е излезен од серијалот иако истиот е изграден неколку години порано.
Крушево, Силата нека биде со тебе…
Како крушевчанец секако дека сум фасциниран од Македониумот. Се сеќавам на почетокот на неговото градење, на отварањето и на активностите кои сме ги имале како ученици. Дефинитивно има необичен изглед и на тоа кога ќе се надоврзе местоположбата несомнемо доминира во просторот, рече Кардула за Фронтлајн.
Изложбата, инспирирана од познатиот филмски серијал „Стар ворс“ (Star Wars) и вонвременскиот изглед на споменикот Илинден, ја отвори Владимир Конески, професор на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје.
Ј. Ѓ.
Поврзано
(ФОТО) Костадиновска-Стојчевска: Годинава Крушево станува регионален и европски културен центар