Измените на Уставот мора да се решат со храброст, вели во изјава за Фронтлајн, Нано Ружин – поранешен амбасадор на Македонија во НАТО.
„Во одредени историски моменти мора да се размислува европски, мора да се размислува пред сè со приматот на националниот интерес, односно граѓански интерес. Секогаш можеш да се повикаш на луѓе кои се Европејци, но не се за уставни измени, затоа што наводно се плашеле дека Европа не дава гаранции. И што да правиме? Да не правиме ништо! Мислам дека современиот политичар треба да биде храбар и да не бара одредени изговори, дека бидејќи немаме гаранции сме против промена на уставот. Напротив, во овие стратешки моменти мора да се биде исклучиво храбар, дури и ако ни се наметнуваат други услови. Подобро тоа, или подобро да се остане на истата точка. Убеден сум дека нема да ни бидат наметнати никакви услови бидејќи тоа ни е усно дадено како гаранација од главните европски лидери“, вели Ружин.
Според него, она што Мицкоски го бара и се однесува на уставни амандмани, „мислам дека е прашање кое е усно и писмено испратено од официјални претставници на Европската Унија, Урсула фон дер Лајен беше овде, истото го пишува и во документите што пристигнаа“.
„Всушност уставните измени се дел од преговорите што треба да почнат, не влегува во рамка, туку се предуслов за почеток на рамката на преговори. Од друга страна, рамката за преговори е чисто прашање што се однесува само на европските прашања. Се разбира, дека овде има политизација, самиот Мицкоски ја искористува во насока на сопствените амбиции да дојде на власт, односно да влезе во владата, да одржи предвремени парламентарни избори итн. Но, не смееме да заборавиме дека тој е во многу тешка позиција бидејќи постојано од една страна вели дека нема да се гласа за измени на уставот, а од друга страна сè уште преговара, разговара… Не треба да се заборава дека тој исто така е под голем притисок од меѓународната заедница, пред се САД и ЕУ, нагласува Ружин во изјавата за Фронтлајн.
Тој вели, дека во такви рамки најголемата болест е популистичката политика, подбуцнувањето на народот за теми од типот на бугаризација, дека ќе станеме Бугари и, ќе го изгубиме идентитетот, ќе ја изгубиме Македонија.
Дестан Јонузи