Во Прилеп и Долнени, ќе се разлеваат изворните песни, сè е подготвено за почетокот на Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, известуваат организаторите на фестивалот.
На 30 јуни и на 1 јули во Прилеп и на Рудина кај Долнени ќе се одржува 49. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Околу 300 учесници од цела Македонија, изведувачи на народни инструменти и на изворни песни ќе ги продолжат традициите, умешноста и вековното знаење на изворниот мелос.
На 30 јуни на камената бина на плоштадот „Александрија“ во центарот на Прилеп и на 1 јули на Рудина, Долнени ќе се разлеваат гајдата, зурлата, кавалот, кемането, ќе одекнат тапаните, ќе се пее изворната песна.
На 27 јуни ќе почне Семинарот за изучување на народните инструменти и песни. Ќе трае до 30 јуни. Изворниот мелос ќе го изучуваат 10-тина учесници од Македонија и гости од Србија.
На 30 јуни напладне во Домот на културата „Марко Цепенков“ ќе се одржи симпозиумот (и тој е веќе традиција во рамките на Фестивалот“) насловен „Фолклорот во минатото и денес“.
Групите и солистите од цела Македонија веќе го пријавија учеството.
За најдобрите изведувачи – ќе се погрижи фестивалското жири.
Најдобриот гајдаџија ќе ја добие Гајдата на Пеце што ја доделува општина Долнени.