Имајќи ја предвид комплексноста, големината и надлежностите на Царинската управа, при справувањето со шверцот и корупцијата се пристапува на системско ниво и ќе биде еден од моите приоритети во претстојниот период, вели во интервју за „Локално“ новиот директор на царина, Стефан Богоев.
„Во Царинската управа има воспоставено посебна организациона структура за професионална одговорност, која тековно работи на откривање на отстапувања од професионално и етичко работење, но и за преземање на мерки за спречување на коруптивните појави. Граѓаните и компаниите, своите поплаки/пријави можат да ги достават преку отворената телефонска линија 197 која работи 24/7, преку електронска пошта, писмено или на било кој начин. По сите овие пријави задолжително се постапува“, изјави тој.
Дигитализацијата е исто така една од превентивните мерки против корупција односно преку воведувањето на нови сервиси за целосно бесхартиено работење кои се применуваат без непосредна интеракција со царинските службеници, се овозможува намалување на можноста за субјективно одлучување и потенцијани коруптивни појави, истакна Богоев.
Во блиска иднина, вели тој, ќе бидат спроведени реконструкции на клучните гранични премини на коридорите кои поминуваат низ нашата држава, а ќе се реализира и проект за автоматизација на граничните премини и воведување на концепт на „паметни граници“.
„Целосната имплементација на овој концепт на работа, во кој повеќето процеси ќе се одвиваат автоматски, ќе придонесе за намалување на потребата од човечки фактор на граничните премини и терминали, што од една страна ќе го забрза протокот, а од друга ќе влијае и на поефикасни контроли на границите“, порача Богоев во интервјуто.