Нема ништо ново во тоа што Сојузна Република Германија го признава постоењето на македонскиот јазик – ова беше кажано претходно. Ова беше линијата на германската влада до сега. Новото е што сега Бундестагот уште еднаш го потврдува овој став, вели за бугарското ДВ Мануел Сарацин, специјален претставник на германската влада за Западен Балкан, член на Партијата на зелените, а од 2008 до 2021 година беше пратеник во Бундестагот.
„Како прво, јас многу добро разбирам дека во моментов нема баш голем ентузијазам за резолуцијата во Бугарија. За мене оваа реакција е легитимна и сосема во ред, ја сфаќаме сосема сериозно. Второ, да потсетам дека и во минатото и сега, Германија отсекогаш била многу посветена на Бугарија, што ќе продолжи да го прави и во иднина. Јас сум многу, многу задоволен од успешниот пат што го следеше Бугарија од нејзиното пристапување во ЕУ. И јас сум цврсто убеден дека со присуството на Бугарија ЕУ е многу поцелосна, многу подобра унија. Горд сум на патот по кој тргна Бугарија и ќе продолжи да оди во иднина. Што се однесува до резолуцијата, таа има голем број различни аспекти. Сепак, најважно е следново: Германија сака да направи се што е потребно за успешно усвојување на измените во Уставот на Северна Македонија, кои го вклучуваат бугарското малцинство во овој устав. Ова е нашата цел. Оваа цел ја споделуваме со партиите и политичките сили во Бугарија“, вели тој.
„Ставот на Бугарија, дека измените во уставот треба да се спроведат уште пред почетокот на кластерските процедури, го потврдија и од Бундестагот. Односно, резолуцијата поддржува важна бугарска позиција за ова прашање. Сумирано: резолуцијата воопшто не е антибугарска, таа е едноставно проевропска“, додаде тој.