На тромеѓето на Преспанското Езеро почнувајќи од вечер до 25 јуни ќе се одржи автентичен фестивал „Запознај ја Преспа“, кој спојува музика, уметност, традиција, гастрономија и работилници за иден развој на туризмот во овој регион.
Како што е најавено, фестивалот почнува во селото Брајчино, сместено на падините на Пелистер, каде уметникот Никола Узуновски подготвува изложба и еко-арт инсталации во природа.
Меѓу другото, програмата на овој фестивал опфаќа гастрономија, еко уметност, работилници, презентации за туризам и презентирање грантова програма на ЕУ за овој регион.
Своја презентација ќе има РеактАрт – уметничка резиденција Преспа 2023 во која се вклучени уметниците Доротеј Нешовски, Неда Дамчевска, Грегорис Миргиотис, Ива Станковска, Душан Стефановски, Јана Николовска, Јована Марковска и Ардијан Ајдиниy. На мостот во село Брајчино, Мирко Попов ќе има свој сет со винили.
Исто така, планирана е работилница за перспективите на Преспа како туристичка дестинација во Крани, на која туристички работници и производители на локални продукти од трите држави кои ги делат водите на Преспанското Езеро ќе разговараат за потенцијалите и потребите.
Шеснаесет диџеи од трите земји кои го делат езерото, утре на локацијата Дупени бич ќе имаат свои сетови.
Фестивалот ќе заврши во недела со посета на селото Љубојно каде европскиот фонд за Преспа „EU4Prespa“ ќе го презентираат Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски интеграции, Дејвид Гир, амбасадорот на ЕУ во земјава, и Јован Тозиевски, градоначалник на Ресен.
Организатори на фестивалот се Здружението „Преспа ГРАД, с. Љубојно“, DMO Destination management organization Korcha, Prespa Tourism Association Lemos и Општина Ресен.
Содржините на фестивалот се подржани од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за култура, Секретаријат за европски прашања и фондовите на ЕУ, преку Делагацијата на ЕУ.