Противниците на планот за судски реформи во Израел денеска го блокираа пристапот до пристаништето Хаифа, по серијата демонстрации во земјата и во странство за време на викендот.
Протестите се одржуваат денеска и покрај големата воена операција на израелската армија на окупираниот Западен Брег во која загинаа најмалку седум Палестинци, а 27 се ранети.
Организаторите соопштија дека демонстрациите ќе кулминираат попладнево со блокирање на пристапот до меѓународниот аеродром Бен Гурион, крај Тел Авив.
Стотици демонстранти ги спречуваат возилата да се приближат до најголемото израелско пристаниште Хаифа, каде што се распоредени силни полициски сили. Поставена е бодликава жица преку патот што води до пристаништето.
Во протестите учествува и организацијата на воени резервисти „Браќа и сестри по оружје“, јавуваат израелските медиуми.
Некои демонстранти носат транспаренти на кои пишува: „Диктатурата ја дави земјата“.
Преговорите меѓу опозицијата и владејачката коалиција, составена од конзервативната партија Ликуд на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и нејзините сојузници ултранационалистичките и ултраортодоксните еврејски партии, пропаднаа и борбата против реформскиот план повторно се засили.
Израелските медиуми јавуваат дека вчера, на десетици места низ светот пред израелските амбасади, конзулати и клучни локации, беа одржани протести против планот за слабеење на позицијата на израелскиот Врховен суд. Демонстрирано беше во Вашингтон, Њујорк, Париз, Мадрид, Сиднеј, Мелбурн, Сиетл, Лондон, Бостон, Франкфурт, Амстердам, Копенхаген, Ванкувер, Сан Диего.
Како што се наведува во соопштението, ова биле продемократски протести и се одржуваат насекаде каде што израелската и еврејската заедница „одбиваат да се откажат од ционистичкиот сон за еврејска, демократска, праведна и безбедна држава“.
Како дел од реформата, владата се обидува да донесе закон со кој на судиите ќе им се оневозможи да ја преиспитаат „разумноста“ на владините одлуки.