Лидерката на опозицијата во Белорусија, Светлана Тихановскаја, изјави дека со анонимна порака била информирана дека нејзиниот сопруг, опозиционерот Сергеј Тихановски, починал в затвор во таа земја.
Тихановски, популарен блогер и опозициски активист, беше уапсен во 2020 година, откако најави дека ќе се кандидира против авторитарниот претседател на Белорусија, Александар Лукашенко на претседателските избори таа година.
Откако беше уапсен, неговата сопруга Светлана наместо него се кандидираше против Лукашенка и доби поддршка од голем број граѓани ширум земјата.
Сепак, според официјалните резултати од изборите, Лукашенко победи, освојувајќи го шестиот претседателски мандат, но опозицијата и Западот ги прогласија изборите за нерегуларни.
Во екот на големите протести по објавувањето на резултатите, Тихановскаја мораше да ја напушти земјата под притисок на властите. Нејзиниот сопруг подоцна беше осуден на 19 и пол години затвор поради организирање масовни немири.
Тихановскаја за Асошиејтед прес (АП) изјави дека од почетокот на март не добила никаква вест од нејзиниот сопруг, дека повеќе не му се доставуваат писма, а на неговиот адвокат не му е дозволено да го посети.
„Не знам ништо за него. Не добив ниту едно писмо и немаше никаква комуникација преку неговиот адвокат“, изјави таа за АП, додавајќи дека во исто време нема никаков доказ дека е точно тврдењето од анонимната порака дека нејзиниот сопруг починал.
Белоруските власти одбија да коментираат.
Претставникот на белоруската група за човекови права „Вијасна“, Павел Сапелко, изјави за АП дека „новата смислена политика на Владата е да ги држи опозициските лидери во целосна изолација со цел да се изврши притисок не само врз политичките затвореници кои на тој начин се лишени од контакт со надворешниот свет и чувани во ужасни услови, туку и на нивните семејства кои се принудени да живеат без никакви информации за своите најблиски“.
Според податоците на „Вијасна“, во Белорусија 1.501 политички затвореник се наоѓаат зад решетки.
Г. Т.