Најмалку 16 лица загинаа во населба во Јужна Африка по труење со гас, изјави денеска шефот на владата на провинцијата Гаутенг, Пањаза Лесуфи.
Претходно локалната служба за итни случаи соопшти дека 24 лица загинале поради истекување на гас.
„Телата на жртвите се расфрлани по тоа подрачје, а најмладата жртва има една година“, рече Лесуфи.
Тој наведе дека во тек се истраги за да се утврди каков тип на гас ја предизвикал несреќата што се случи во средата.
Лесуфи го посети местото на несреќата, населбата Уџерица кај Боксбург, источно од Јоханесбург.
Медиумите објавија дека гасот истекол од боца, која се користи за нелегално одвојување на златото од јаловина.
Во декември, во експлозија на цистерна со гас во Боксбург загинаа десет лица, исто толку беа повредени, а беа уништени куќи и возила.