Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ на 4 јули се претстави на 12-тиот фестивал „Мирослав Крлежа“ во Загреб со претставата „Глембаеви“ во режија на Бранко Брезовец. Фестивалот се одржува по повод 130 години од раѓањето на големиот драмски автор и писател.
-Најдобра претстава по текст на Крлежа што сум ја гледал во Хрватска по подолго време, изјави Борна Балетиќ, професор на ФДУ во Загреб.
Јасмина Мицовска Станкоска, в.д директор на ЦК „Марко Цепенков“ од Прилеп посочува дека театарот се прикажал во вистинско светло на фестивалот во Загреб.
-Среќна сум и горда од одличниот настап на театарот „Војдан Чернодрински“ на фестивалот во Загреб. Убаво е чувството кога се добиваат пофалби за претставата, која актерите ја играат со многу радост, посветеност. Аплаузот на крајот е потврда за феноменалната игра на нашиот ансамбл. Горди сме што го претставувавме театарот и Македонија на фестивали надвор од нашите граници. Благодарност до Министерството за култура за поддршката и соработката. Ќе продолжиме и понатаму да бидеме репрезенти на нашата култура, истакна Мицовска Станкоска.
Според актерката Даниела Иваноска, да се гостува со Глембаеви на Крлежа во Загреб, на фестивалот посветен на Мирослав Крлежа на македонски јазик, е навистина предизвик.
-Крлежа за нив е библија, дел од нивниот генетски код, автор кому се посветени безброј истражувања, критики, институции, улици, настани и се прашувам, како сега ние, на нивни терен, со нивен автор-институција, ќе успееме да кажеме нешто повеќе од тоа што го имааат за Крлежа?! Игравме во театарот Керемпух, во сала полна со луѓе од нашата фела -режисери, професори на академија, некогашни првенци, а сега во пензија, од ХНК и Керемпух, актери, композитори, сценографи, вистински љубители и почитувачи на театарската уметност. Се враќаме на бис 4-5 пати, додаде Иваноска.
Во претставата играат Андон Јованоски, Даниела Иваноска, Зоран Иваноски, Сузана Брезовец, Димитар Црцороски, Исидор Јованоски, Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трпчески и Ана Митоска. Композитор е Никола Мицевски, сценографијата е на Ивана Кнез и костимографијата на Сузана Брезовец.