Денеска ја одбележуваме 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес кој гo разурна македонскиот главен град Скопје на 26 јули 1963 година, рано утрото во 05 часот и 17 минути. Тие 20 стравични секунди беа кобни за 1070 лица, многумина од урнатините беа извлечени со тешки повреди, а огромен беше бројот на оние кои останаа без своите домови. Впрочем, дури 65% од градските структури беа разурнати, сподели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на својот Фејсбук профил.
„Скопје низ вековната историја имал бројни подеми и падови, но ниту еден не оставил толку силни последици по градот и неговите жители како катастрофалниот земјотрес. И точно шест децении Скопје и скопјани се сеќаваат на тоа утро на ужасот, но ни за миг не ја забораваат и солидарноста која 89 нации ширум светот ја покажаа помагајќи му пост-земјотресно Скопје повторно да се издигне од правта во вистинска метропола, да се трансформира во симбол кој сведочи за една од темелните човечки вредности, на дело покажувајќи го она што беше речено во седиштето на Обединетите Нации – дека Скопје ќе биде споменик на човечката солидарност.
Но, овој ден редовно нѐ потсетува и на важноста која ја има токму безбедноста, како онаа на граѓаните, така и на инфраструктурата. Тоа е наш врвен приоритет од кој не отстапуваме и кој е основа за градење на подобро општество за сите.
Да не се заборават настраданите, да не се заборават глобалното заедништво и солидарноста!“, додава тој.