Сите политички сили во земјата, вклучително и опозицијата, треба да работат заедно за обезбедување на иднината на Северна Македонија во ЕУ, изјавија за МИА од Европската комисија, откако вчера собраниската Комисија за уставни прашања ја изгласа потребата за пристапување кон измена на Уставот, со што почна процесот на уставни измени.
– Северна Македонија се обврза да го измени својот Устав. Тоа е суверена одлука. Во овој поглед се преземени првични чекори. Земјата дава добар пример за мултиетничко општество. Затоа, со измена на Уставот дополнително ќе се унапредат основните права, изјави за МИА портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро.
Во однос на скриниг процесот на Северна Македонија со ЕУ, од Комисијата додаваат дека тој тече според предвиденото и се одвива непречено, а до Советот на Унијата веќе се доставени извештаите од скринингот по кластерот „Темелни вредности“.