Пишува: Хелмут K. Анхајер / Project Syndicate
Во изминатите две години, германската најголема крајно десничарска партија, Алтернатива за Германија (АФД), успеа да ги консолидира бројните расцепкани групи кои го сочинуваат долго нерасчистениот националистички дел на земјата. Пркосејќи ѝ на својата репутација за внатрешни конфликти и чести промени во лидерството, АФД стана партија во која доминира една личност, Бјорн Хоке. Додека германскиот политички мејнстрим сé уште ја третира партијата како отфрлена, АФД се обидува да се претстави како обединета сила подготвена да преземе владини одговорности.
Хоке, кој го предводи огранокот на АФД во германската источна сојузна покраина Тирингија, стана познат како духовен ректор на најдесничарското крило на партијата, познато како дер Флугел (крилото). Денес, оваа радикално националистичка група – чија неонацистичка реторика го привлече блиското набљудување на Bundesnachrichtendienst, германската федерална разузнавачка агенција – е распуштена, а Хоке стана де факто лидер на уште порадикална АФД.
Колку крајно десно се помести АФД стана очигледно за време на нејзиниот неодамнешен партиски конгрес, што се одржа во источно германскиот град Магдебург. Покрај третирањето на познати теми, како што е контролата на имиграцијата, Хоке понуди нови идеи за агендата на АФД во однос на Европската унија, изјавувајќи дека „оваа ЕУ мора да умре, за да може вистинската Европа да живее“.
Изјавата потсетуваше на нацистичките слогани од 1930-тите, што слично се залагаа за уништување на стар систем за да се овозможи подем на нов, подобар систем. А се чини дека и други личности на АФД се согласуваат со тоа. Главниот кандидат на партијата за изборите на Европскиот парламент следната година, Максимилијан Кра, изјави во неодамнешно интервју дека „ЕУ во нејзиниот сегашен облик не е одржлива“ и предвиди дека „комбинација на нарушување и реформа“ ќе доведат до нејзино пропаѓање.
Партијата знае колку ефикасна би можело да биде една промена надесно за привлекување на поддршка од народот. Во поголемиот дел од своето постоење, АФД има привлечено 9-14% поддршка на електоратот на националните анкети. Но, нејзината поддршка кратко порасна до скоро 20% околу времето на мигрантската криза во 2015 година, кога партијата – основана две години претходно како партија против еврото – ја потенцира својата тврдокорна антимигрантска позиција.
Порастот не траеше, а АФД се врати на 10% поддршка во рок од една година. Но, војната во Украина – што го наруши не само чувството на безбедност на Германците, туку и нивното снабдување со енергија – се чини дека ѝ даде нов поттик на АФД. Пред целосната инвазија на Русија минатата година, партијата имаше 11% поддршка во анкетите. До крајот на мај оваа година, меѓутоа, тој удел сепак порасна на 18%, а до август достигна 21%, со што АФД стана втора најголема партија во Германија, по Христијанско демократската унија (ЦДУ).
Прашањето сега е дали АФД може да ги задржи своите нови поддржувачи овој пат. Досега, партијата го следи истото сценарио како и претходно, капитализирајќи на широко распространетото отуѓување од другите партии и фокусирајќи се на слабостите на своите противници, наместо на своите сили. Покажува ново чувство на обединетост со затворање на редовите зад Хоке.
Тоа е ефикасна стратегија, затоа што и двата главни противници на АФД– сегашната владина коалиција и ЦДУ – имаат доста слабости. Започнувајќи со таканаречената семафорска коалиција (Ampelkoalition), составена од Социјалдемократската партија, Зелените и Слободните демократи, со канцеларот Олаф Шолц на СПД.
Делувајќи под мотото „осмелувајќи се на повеќе напредок“, владата започна бројни реформски иницијативи откако ја презеде власта во декември 2021 година. Но, исто така, е во постојан кризен режим, поради пандемијата и украинската војна. А во соочувањето со овие предизвици, администрацијата на Шолц покажа недостаток на професионализам ретко виден на федерално ниво во Германија.
На пример, лошо изработените реформи за модернизација на енергетскиот сектор ги оставија покраинските влади, локалните власти, бизнисите и гласачите збунети за тоа кој е одговорен за што, кога и по која цена. По повеќемесечни препукувања, политиката беше ставена на пауза до есен.
Напорите во други области – како што се националната безбедност, здравството и инфраструктурата – беа слично долги во амбиција и кратки во напредок. А внатрешните конфликти станаа норма. Помеѓу неспособноста на владата и пошироката вознемиреност кај народот околу снабдувањето со енергија, економијата и националната безбедност, АФД има доста политички материјал.
Во меѓувреме, Фридрих Мерц, претседател на ЦДУ и канцелар во очекување, не успеа да ја позиционира неговата партија како остварлива алтернатива на владата предводена од СПД. ЦДУ, исто така, се покажа неспособна повторно да ги освои гласачите што ги загуби од АФД поради нејзиниот став кон имиграцијата и прашања како што се родовиот идентитет и сексуалната ориентација. Како резултат на тоа, поддршката на народот за ЦДУ остана стабилна, на 28-30%, повеќе од една година.
Од своја страна, Мерц има дадено контрадикторни изјави за односот на ЦДУ со АФД, вклучително и за тоа дали треба да се дозволи соработка на локално ниво со избраните претставници на АФД. Ова ја ослабна неговата положба во партијата, а веќе се појавуваат и предизвикувачи.
АФД, од своја страна, е сé уште партија за оние кои не се задоволни со статус кво и немаат доверба во мејнстрим политиката, партија која се противи и критикува, но се залага за малку. Но, неуспесите како на владата, така и на опозицијата ги охрабрија нејзините лидери, кои стануваат сé погладни за моќ како што расте нивната поддршка од народот.
Додека политичкиот cordon sanitaire што ја изолира АФД сé уште трае, не може да се игнорира можноста партијата да стане не само коалициски партнер, туку и коалициски лидер. Ова може да се случи во следните две години во неколку источногермански покраини, каде АФД долго време освојува повеќе од 20% од гласовите. Во секој случај, доколку германскиот политички мејнстрим не успее да се организира, ќе биде само прашање на време кога АФД – многу слично на крајната десница на Франција, Италија и Шведска – ќе биде прифатена како легитимна партија која ќе има власт.
Хелмут K. Анхајер, професор по социологија на школата Херти во Берлин, е вонреден професор по јавна политика и социјална заштита на Школата за јавни односи на Ласкин на УКЛА.
Превод: Наташа Цветковска