МВР соопшти дека вчера вечерта, околу 22.30 часот, на улицата „Црногорска“ во Скопје, полициски службеници пронашле поголема количина оружје и муниција. Во канта за отпад пред дворно место на улицата биле пронајдени автоматска пушка „Калашников“ кинеско производство со една рамка со куршуми, автоматска пушка „Плетер 91“ калибар 9 мм од хрватско производство и една торба со 100 куршуми калибар 7,62 мм и 27 други куршуми од различен калибар.
Оружјето и муницијата биле подигнати за натамошна постапка, а со судска наредба бил извршен претрес во домот на Б.Л. (27) од Скопје, кој не бил во домот. При претресот биле пронајдени предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со кривичното дело.
Акцијата ја спровеле полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи – Единица за недозволена трговија со дрога заедно со Единицата за интервентна полиција и Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје.
По целосно расчистување и документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, СВР Скопје ќе поднесе соодветна пријава.