Будва и Скопје во јануари влегоа во потесниот избор на конкурсот за титулата Европска престолнина на културата за 2028 година во земји на ЕФТА/ЕЕА, за земји кандидати или потенцијален кандидат на Европската унија кој беше предлог на 10 независни експерти.
Панелот ќе се состане во септември 2023 година за да селектира и предложи еден град кој ќе стане трета европска престолнина на културата од земја на ЕФТА/ЕЕА по ЕПК Нови Сад (Србија) во 2022 година и ЕПК Бодо (Норвешка) во 2024 година.
Скопје како главен град на земја на пат да стане членка на Европската Унија, ние треба да ѝ го покажеме на Европа нашиот културен карактер и нашето богато културно наследство обликувано низ вековите преку испреплетување и проникнување на различни етникуми и култури. Целта е да го прикажеме живиот уметнички потенцијал на Скопје, како и нашата живописна и разновидна културна сцена.
Во рамките на кандидатурата за Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година голем број филмски вечери на отворено прераснуваат во омилена активност на голем број граѓани кои го посетуваат Градскиот парк и ги исполнуваат викендите со дружење и забава.
За таа цел познатата Школка прерасна во уметничко дело, каде е нацртан ликот на „Мајка Тереза“ и Камениот мост.
Но дали е ова доволно?
Арсовска како и вообичаено не дава никакви информации до каде е процесот иако има објавено фотографии со кои укажува дека некои настани се во насока на апликацијата за ова престижно признание.
Јавната установа Универзална Сала Скопје, како носител на проектот ,,Скопје Европска престолнина на културата 2028“, во јуни ги покани сите физички и правни лица (Невладини Организации, уметници, културни творци и експерти, Јавни Установи, Национални Установии сите заинтересирани граѓани) кои гравитираат на територијата на градот Скопје, и на територијата на Скопски плански регион, да аплицираат на објавениот повик за прибирање на проектни идеи, кои ќе бидат вклучени во апликативната книга БИД БУК како последната фаза од кандидатурата на градот Скопје за престижната титула Европска Престолнина на Културата – ЕПК 2028.
Мотото на апликативната книга за ,,Скопје Европска престолнина на културата 2028“: ,,КУЛТУРА НАД ПОДЕЛБА” – CULTURE OVER DIVISION.
Сепак нема информација до каде е овој процес и кој се пријавил на конкурсот.
Процесот за Европска престолнина на културата е долг, за Скопје е почнат од 2014 година, во 2018 година е зајакната динамиката, а како што велат извори од Град Скопје, поентата на европска престолнина е да се транфиормира општеството преку културата.
-На пример Будва има многу активности и се вмрежува со други градови. До 2021 година имавме и ние такви активности, потпишавме меморандуми со Пловдив, со Љубљана, Тренчин (Чешка), но потоа неконзистентноста на кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска го стави овој проект на маргините на интерес, а тоа важи и за одделението за култура во Градот, појаснуваат тие за Гредска.мк.
Буџетот кој е предвиден за култура во Скопје оваа година е само 4 ипол милиони денари. Библиотеката „Браќа Миладиновци“ се најде на врвот на листата за остварување на локалниот интерес во културата на Град Скопје со поддршка од 5.418 илјади денари, додека Младинскиот културен центар за севкупните активности и менаџирање доби 4.908 илјади денари.
За финансирање на јавните установи кои се под капата на Градот меѓу кои се Културно информативниот центар, Универзална сала, Дом на културата Кочо Рацин од градската каса предвидени се 19.699.000 денари од вкупно 232.998.000 денари.
Споредбено со претходните години, овој буџет е повеќекратно помал и градската култура ја сведува на преживување. Со овие средства менаџерите на институциите нема да можат да ги покријат ниту елементарните расходи, а за нивните програмски активности нема да останат ниту трошки.
Европска престолнина на културата е програма на Европската Комисија започната во 1985 година. Во периодот од 1985 до 2019 година, оваа титула е доделена на околу 60 градови од 30 земји од Европа, меѓу кои се повеќе градови од Југоисточна Европа и градови од земји кандидатки за Европска Унија.
Европската Комисија има утврдено годишна динамика според која, од 2020 до 2033 година е дефинирано кои 2 до 3 држави секоја година можат да дадат свои кандидати (градови) кои ќе се натпреваруваат за оваа титула, од кои 2 града доаѓаат од земји кои се членки на Европската Унија, а третиот град може да биде од земја кандидат или потенцијален кандидат за Европската Унија.
Постапката започнува со објавување на јавен повик од страна на извршната Агенција за образование, аудиовизуелна политика и култура (ЕАСЕА) за пријавување на градовите од државите соодветни за аплицирање. Повикот беше објавен и траеше до 11 ноември 2022 година.
Градот Скопје по овој повик влегува во потесна селекција заедно со градот Будва кој според експертите вклучени во проектот не може ни оддалеку да се носи со Скопје, по инфраструктура, културни институции, споменици на културата, а сепак од властите добива третман на типичен занемарен провинциски град.
Заради обезбедување на еднаквост со градовите од земјите членки на Европската Унија, секој град што доаѓа од земја кандидат има право да учествува на повиците и може да достави апликација исклучиво само еднаш, односно за една година во периодот од 2020 до 2033 година и може само еднаш да ја добие титулата.
За титулата ЕПК 2028 можеа да аплицираат градови од Чешка, Франција и од земјите кои не се членки на ЕУ: Македонија, Албанија (без Тирана), Црна Гора (без Херцег Нови), Исланд, Лихтенштајн и Косово.
Соња Танеска / Градска.мк