„Ја одбележуваме 32 годишнината од независноста на државата оддавајќи почит, чест и признание на нашите претходници. Се поклонуваме на нашите претходници кои со нивниот придонес низ годините и вековите успеаја да ја донесат историската одлука кога на референдум, на 8 септември 1991 година нашиот народ изгласа независност и суверенитет. Со таа историска одлука им се спротивставивме на центрите и околностите кои се закануваа да ја втурнат земјата во воен конфликт и избравме пат со силна верба за нов почеток, за подобар живот и за подобра иднина во независна, во своја држава“, пишува вицепремиерот Бојан Маричиќ во честитката за Денот на независноста.
Нам, продолжи Маричиќ, на сегашните генерации, ни припаѓа историската чест и особената одговорност да ја чуваме и развиваме македонската држава.
„Денес Северна Македонија ужива посебен углед во светот и се стекнува со доверба да стане посакуван стратешки партнер на најголемите земји од западноевропскиот, демократски, цивилизациски свет.
Денес како граѓанска држава на сите граѓани и на сите етнички заедници, здружени во заедничкото општество, со јасно потврден македонски идентитет, ние сме полноправна членка на НАТО. Тоа е најсилна гаранција за заштита на интегритетот и суверенитетот, зачуван аманет од сите пред нас кои се бореле за слободата и независноста на Македонија.
На прагот сме на остварување на уште една од најважните стратешки цели, членството во ЕУ, за коешто имаме безусловна поддршка од Унијата. Јасни и гласни се повиците од ЕУ што поскоро да станеме полноправна членка на семејството европски народи, сега веќе и со проектиран краен рок – 2030 година.
Уверен сум дека на бранот на ентузијазмот што ги движеше одлуките кога се донесуваше независноста, и денеска можеме да ги надраснеме разликите и да се соочиме со сите предизвици – да обезбедиме стабилна иднина, заедно со нашите меѓународни пријатели, да живееме во мир, стабилност, брз економски раст и благосостојба, брзајќи кон денот кога независноста на нашата земја ќе ја славиме како членка на Европската Унија. Честит 8 Септември!“, напиша вицепремиерот Маричиќ.