Пишува: ТОНИ ПОПОВСКИ
Директен повод за колумнава е Резолуцијата подготвена од страна на републиканскиот сенатор Мајк Браун од Индијана и доставена до американскиот Сенат кон крајот на јули, оваа година. Со неа се бара, Сенатот на САД да го означи септември 2023 година како „месец на македонското американско наследство“ и славење на јазикот, историјата и културата на македонските Американци и нивниот неверојатен придонес за Соединетите држави. Во Резолуцијата се посочува дека од 1880-тите, десетици илјади Македонци емигрирале во Соединетите Држави барајќи граѓански слободи, човекови права, верска слобода, економски можности и безбедност како одговор на Илинденското востание против Отоманската империја од 1903 година, Балканските војни 1912-1913 година, Првата и Втората светска војна, Граѓанската војна во Грција од 1946–1949 година и комунистичката политика на Југославија. Изнесена е и проценка дека има околу 500.000 поединци од македонско потекло кои живеат во Соединетите Држави, со значителни заедници во државите Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Тексас, Аризона и Калифорнија. Текстот на Резолуција продолжува со набројување на бројните постигнувања и придонесот на македонските Американци во Соединетите Американски Држави во различни области, вклучувајќи ја уметноста, науката, бизнисот, политиката, образованието, медицината и спортот. Резолуцијата завршува со повик до народот на Соединетите Американски Држави да го одбележат месецот на македонско-американското наследство со соодветни церемонии, активности и програми кои ги почитуваат културните придонеси и достигнувања на македонските Американци. Впрочем на овој повик веќе се одзва сојузната држава Мичиген.
Резолуцијата е истовремено производ на продуктивните односи кои заедницата на македонските Американци ги негува со американскиот Конгрес и Сенат, при што локална движечка сила е Обединетата Македонска Дијаспора, водечка невладина, непартиска, неполитичка и образовна организација која е основана во 2004 година и ги застапува и промовира интересите на Македонците и македонските заедници ширум светот. ОМД има седиште во Вашингтон и ограноци низ САД, Канада, Европа и Австралија. Содржината на резолуцијата е одраз на ПРВОТО и наше гледиште за „македонското прашање“, на етничките Македонци во нашата Република, но и на оние кои се распрснати ширум светот. Гледиште дека сме народ со динстиктивен етнички идентитет, сопствен говор и јазик, и наше – македонско културно творештво, македонски народ кој е основниот супстрат во македонската нација со своја независна, суверена и унитарна држава, а која истовремено е држава на сите нејзини граѓани и делови од други народи.
Ова гледиште на Македонците во самата суштина не е антибугарско или антисрпско, односно не е антагонистички поставено кон мнозинскиот етнички супстрат во двете соседни држави, а чиј мнозински етнички, јазичен и културен код е динстиктивен (бугарски или српски) но истовремено јужнословенски, како впрочем и нашиот. Две гранки од јужнословенското стебло се развиле и разлистале порано, а третата – нашата, подоцна и во момент кога за тоа биле создадени услови. Нашето – македонско гледиште е преплатено со себежртва на неколку генерации Македонци но и покрај влогот во човечки животи, него не го одликуваат тези за непризнавање и неуважување на постоење на бугарски или српски народ, јазик, културно творештво и нација. Напротив, и конзистентно, како македонски народ, а сега и нација, сме покажале капацитет за соживот дома, простување и помирување и подготвеност да развиваме продуктивни односи со сите соседи. Начинот на кој ние Македонците се однесуваме кон другите етнички заедници, народи и нации е прифатен и афирмиран од страна на ЕУ и НАТО како највисок стандард на Балканот истовремено пожелен и применлив во Европа и глобално.
Сама по себе и во контекст на американската традиција да се уважува придонесот на сите етнички заедници во САД, Резолуцијата не е невообичаен инструмент, но нејзината содржина како што впрочем беше и за очекување, предизвика остри реакции во радикални кругови од крајно лева или десна провиниенција во соседна Бугарија кои се лојални на ВТОРОТО гледиште за „македонското прашање“. Накусо, ова гледиште се заснова на тезата дека нема македонски народ во етничка смисла и дека денешните етнички Македонци се однародени, нелојални и сепарирани Бугари под притисок на геополитички околности, особено за време и непосредно по втората светска војна, или поконкретно дека се работи за продукт на етнички инжењеринг на Тито и југословенските комунисти. Притоа Македонците се етикетираат како безобразни крадци на бугарската историја, јазик и култура и следствено територија. Овие кругови во Бугарија и нивни истомисленици во САД, во изминатите 40-тина дена направија огромен јавен притисок врз бугарската влада и држава, да превземе широки и организирани дејствија, по секоја цена да се спречи носење на резолуцијата во Сенатот на САД, со подолго образложение во кое се укажува на наводни фалсификати и манипулации, а со кои се нанесува навреда на бугарскиот народ, предупредувајќи дека со донесувањето на оваа Резолуција се отвора патот кон дестабилизација на Централниот Балкан.
Во континуитет и најмалку еден век, ова гледиште го застапуваат првенци од заедницата на Бугарите кои потекнуваат од различни делови на Македонија, и хронолошки не е прв пат да се прави притисок врз бугарското собрание и влада. Практично, под притисок на Бугарите кои потекнуваат од различни делови на Македонија, а кои се одлично интегрирани и постојано присутни на врвни политички позиции со години наназад, со големо влијание во медиумскиот и деловниот простор и во комбинација со проценки на бугарските монарси и други властодржци за можна територијална експанзија на бугарската држава на целокупната територија на географска Македонија, властите во Бугарија носат одлуки да земат учество во балканските војни како и во првата и втората светска војна. Овие одлуки се преплатени со себежртва и човечки животи. Практично нема семејство на денешни Бугари со македонско територијално – географско потекло кое не претрпело човечки загуби, надоврзано и со други последици како насилни раселувања односно тешки и трагични бегалски бранови и поврзани човечки судбини. Моќта на овие кругови најчесто и за жал, се практикува низ манипулирањето со емоциите на Бугарите со македонско територијално потекло кои се значаен супстрат во бугарската нација. Степенот на отпорност на политичката класа или било која влада во Бугарија кон носителите на ова во самата суштина анахроно, но сеуште популарно гледиште, во минатото и сега е исклучително низок, и затоа не треба да сме изненадени од поддршката која оваа Влада им ја даде на овие бугарски кругови, а по однос на превземање на мерки за повлекување на Резолуцијата во американскиот Сенат.
Во македонските медиуми, скоро без исклучок, бескомромисната посветеност на бугарската Влада да се „сруши“ Резолуцијата беше оценета како дејствие кое е спротивно на намерите и договорот да се гради добрососедство, пријателство и соработка. И за воља на вистината, многу тешко е да се одмине тој впечаток, секако доколку не се анализира подлабоко внатрешно-политичката позадина и моментумот во кој се наоѓа Бугарија. Нашата Влада по сопствена, па и тактичка проценка, остана целосно воздржана и не ги осуди овие званични дејствија на бугарската држава. Од друга страна, македонските медуми повторно без исклучок не се осврнаа на многу значајни и паралелни случувања поврзани со одржувањето на 101-вата Конвенција на Македонската Патриотска Организација (МПО) во САД.
Македонската Патриотска Организација во САД е најстарата организација на Американци и Канаѓани со македонско потекло во Северна Америка. Основана е во Форт Вејн, Индијана, САД, во 1922 година, од македонски – бугарски имигранти со потекло претежно од грчка Македонија. Првично била наречена Македонска политичка организација, но под сегашното име е регистрирана во 1952 година. Нејзиното основање е најдиректно поттикнато од Тодор Александров, еден од претседателите на историското ВМРО и следствено првичната заложба на организацијата била за решение на „македонското прашање“ во форма на независна македонска држава, во која сите етнички групи ќе уживаат еднакви човекови права и слободи. Во минатото, организацијата генерално го промовираше ставот дека македонските Словени се Бугари, но денес, а особено од страна на новото раководство предводено од Метју Стефанов, таа тврди дека ги обединува и македонските Бугари и етничките Македонци и дека ја поддржува независната Република Северна Македонија и е вклучена во промакедонското застапување во САД и Канада. Тоа што нашите медиуми пропуштаат, намерно или ненамерно да информираат, е дека МПО јавно се воздржа по однос на било каква осуда или критика на Резолуцијата која е поднесена во американскиот Сенат. На тој начин, се стекнува погрешен впечаток кај нас дека Бугарите во САД, па и оние од македонско географско потекло се обединети и целосно против Резолуцијата. Нецелосната информација во овој случај делува како дезинформација.
Понатаму, должно внимание заслужува промената на оригиналната парадигма на МПО, во парадигма на целосно уважување на етничките Македонци. Впрочем се работи за ТРЕТО гледиште за „македонското прашање“ засновано на начелото на почитување на себеопределувањето и цврста заложба за манифестирање толеранција и подготвеност за продуктивна соработка. Сето ова е во целосна согласност со американските и канадските традиционални и демократски вредности, но и на фундаменталните начела и вредности на Европската Унија. Нашата јавност треба да знае дека ова раководство на МПО е изложено на огромен притисок од сите претходно наведени бугарски кругови кои тргнаа во офанзива не само да се спречи носењето на Резолуцијата, туку да се врати МПО на старата парадигма. Во оваа офанзива активно се вклучија и македонски државјани поврзани со една маргинална партија во Македонија како и со бугарските клубови кои носеа контроверзни и провокативни имиња. Дел од овие лица јавно се претставија како делегати на 101-вата Конвенција на МПО, што беше официјално демантирано од организаторите, иако биле добредојдени како гости.
Овој неуспешен обид директно да се влијае на Конвенцијата, беше проследен со организирана кампања во дел од порадикалните – националистички бугарски медиуми со инволвирање и на порталот Трибуна.мк, регистриран кај нас, а каде се интерпретираа наводно донесени одлуки, кои потоа новото раководство на МПО јавно ги демантираше како лажни вести. Во тек се и многу странични притисоци за фракционирање во рамки на МПО и подривање на напорите на ова раководство за помирување и заеднички поглед кон иднината. Впрочем се работи за помлади луѓе, четврта генерација на членови на МПО, чиј генерациски просек е скоро идентичен на тој на ОМД, и за очекување е дека овие млади луѓе нема да дозволат да се пропуштаат можности за соработка и да се губи време во анахрони недоразбирања.