„30 години зборувавме за консолидација, 30 години зборувавме за окрупнување на земјоделското земјиште. По 30 поминати и потрошени години и толку генерации, консолидацијата на земјоделското земјиште во 14 региони ја спроведуваме токму со помош и поддршка на ЕУ“ рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на трибината „ЕУ за развој на македонското земјоделство“ во Прилеп.
Тој додаде дека Северна Македонија е прогласена за лидер во примерот и начинот на консолидацијата на земјоделско земјиште.
„Со поддршка од ЕУ од над 10 милиони евра инвестираме и завршуваме проекти и за мали системи за наводнување во сите региони. 30 години сме заборавиле да инвестираме во нови водоснабдителни системи, но денес завршуваме со инвестиции во сите региони, благодарение на поддршката на ЕУ“ рече Николовски.
Министерот додаде дека со ЕУ започнува и прокет за реорганизација и трансформација на ЈП Македонски шуми и се што спаѓа во овој сектор.
„30 години ништо не сме направиле, а денес почнавме, со помош и финансиска поддршка од ЕУ и за две години ќе ги видиме резултатите и ефектите од овој сектор кој ќе биде еден од најпрофитабилните бидејќи имаме природни ресурси“ рече Николовски.