Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Речиси половина лето (а другата половина исчитував некои важни автори) си ја акам главата со следниве работи: тажни ми се сите тие екс-советски, источноевропски, јужнословенски и ексклузивно-македонски видици на светот и животот.
Сега некој ќе гракне: „Аууу, Ненаде, па ти си влезен во надмена и опасна препотенција“? Не е точно, пријателе/читателу, само сум влезен во тој мрачен и „до зла бога“ насилнички „Музеј на патријархалниот страв и ужас“. И му копам низ неговите ментални подруми, обидувајќи се да пронајдам некоја смисла, а смисла…
Дремат така по цели денови, мантраат ли мантраат за целиот свет и млечниот пат, тресат глупости за „Животот“ како таков, и никако да разберат дека сѐ што е „живо“ се наоѓа во некакво движење или во непрекината промена, сѐ се – сосема природно – противи на состојбата на апсолутна зачмаеност како нивен нирванистички идеал… А една од таквите мртви мантри на тие кловновски ликови секогаш му пркосат на сѐ што е поинакво и поразлично, за нив нејасно и настрано, а тоа го бранат со својата одвратна „традиција“ – онаа која е ексклузивно монотеистичка и моноконфесионална, или во дополнителен превод – архаично национал-романтичарска „метла“ која треба да го исчисти сето она кое не сме НИЕ. Таквата сорта на луѓе е, всушност, напорна во својата глупавост со која се обидува наивно да го „нормализира“ сето постоечко.
И не разбираат идиотите дека не постои „едно за секогаш“, а овие наши провинциски некрофили брзо-побрзо ќе го „оплајпичат“ со некаков глупав фетиш од традицијата како обид за истерување на „глобалистичкиот ѓавол“ или најново – сатанистички – од неизлуфтираните глави на нашиот страдалнички народ. Попросто речено: таквиот секогаш ќе биде попрскан со катран и перје како „отпадник од традицијата“, а со тоа и „родот“, породот и народот, од „сето што ни е најсвето“.
Традицијата за која тие говорат репресивна е по дефиниција (и регресивна и депресивна!), таа не е ништо друго освен сет од скаменети вредности кои доаѓаат од некое златно „митско време“ кое механистички се пренесува од „колено на колено“, па како се појавува некоја нова генерација има сѐ помалку смисла.
За овие работи думам последниве денови (додека читам автори кои се важни!), додека слушам музика, трчам и возам точак. Не, не сум бил на важни фестивали или на некакво патување надвор од „топлата традиционална груда“; не сум се дружел со „светски луѓе“, не сум патувал на егзотични места, не сум чекорел на големи и ширни пространства, за сето ова думам во мојот локал, пред мојот прозор, загледан во околниот комшилак.
Се работи, имено, за „дрвен јазик“, се работи за будалштини кои не се достојни за коментар освен сувопарни нотирани факти кои се гледаат со голо око. Добро, идеологиите се менуваат како што се менува квалитетот на паштетите – а така се менуваат и луѓето во својот опортунизам и лицемерие – само променете ги тие два-три дежурни поими од типот „бау-бау“, додека сето останато останува исто. А тоа вечно враќање на исто нужно може да не потсети на книгата на Чехот Јозеф Шкорецки – најголемиот џезер меѓу писателите и обратно – кој пишуваше како во оние дамнешни времиња во неговата хронично окупирана татковина против џезот и џезерите дигнаа хајки прво нацистите, а веднаш потоа и Сталинистичките камради…
Така и овде, сите оние кои се залагаат за Европа, за уште повеќе слобода, за уште повеќе најразлични врсти на човекови слободи, стануваат „дежурни плашила“ за филистарските производители на „морална паника“ заедно со нивните дистрибутери „на ангро“.
Сигурно се прашувате зошто давам толкав „ретро омаж“ за некој што веќе воодушевено ги гледа нашите телевизиски програми, тие клоаки за издувување на нашите тетки и стрини, татковци и мајки? Видете, нема тука ништо чудно, значајно или не дај боже „субверзивно“. Се работи за дискурси кои се дел од убиствената традиција. Затоа што таквите најмалку ја разбираат традицијата и наследството. Затоа не може да биде исто „модерното“ и Европското со старото и „народното“.
Не може, на пример, да речеме, џез фестивал и некое арлаукање на некоја пеачка. Не може Ману Чао или некоја традиционална македонска пеачка? Не може затоа што секој човек Гетеовски бира она што е негово и сродно. Така што дури и вперува прст на своите претходници, што значи вперува прст на своето „традиционално наследство“.
А какво е наследството? Во вистинска смисла на зборот постмодерно, мултикултурно, сложено, слоевито. Тие луѓе и активисти кои се борат за Европа, нешто пишуваат, што значи произведуваат некаква културална и „автентична традиција“ за која не страдала ниедна човечка глава, и во нивно име никој не е силуван, опљачкан и протеран… Тоа е, имено, вистинска и права традиција, дури тоа е традиција која е „фриволна“, дури и во некоја смисла е cool, баш како што се cool и самите проевропски луѓе – тука е нашата вистинска и автентична „традиција“.
Оттука ние работиме на агенди и вредности лесно и релативно среќно. Затоа што во конечноста се чувствуваме како сродни луѓе.
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0 / Извор: Frontline