Македонскиот главен град Скопје денеска беше прогласен за Европска престолнина на културата за 2028 година на церемонија во Домот на европската историја во Брисел.
На церемонијата, меѓу останатите, присуствуваа и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Скопје беше избран за носител на оваа престижна титула во конкуренција со црногорскиот град Будва.
Европска престолнина на културата е програма на Европската Комисија започната во 1985 година. Идејата за ЕПК се иницира и започнува во 1985 година по предлог на тогашната грчка министерка за култура Мелина Меркури (актерка). Европската престолнина на културата прерасна во еден од најамбициозните културни проекти во Европа и стана една од најпознатите и најценетите активности на ЕУ. Целта на ЕПК е да се промовира различноста на културите во Европа, да се истакнат заедничките карактеристики и да се поттикне придонесот на културата во долгорочниот развој на градовите.