„Република Северна Македонија е најбезбедна земја на Западен Балкан и е во друштво со 36 земји најбезбедни во светот. Тоа се податоци и анализи коишто ги прават релевантни меѓународни организации од делот на безбедноста“ – вели во ексклузивното интервју за Фронтлајн и ЦИВИЛ Медиа, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Зборувајќи за сајбер криминалот, Спасовски вели дека ако ги погледнеме резултатите од оваа година, ќе видиме дека имаме намалување на компјутерскиот криминал за 7,4 проценти во споредба со минатата година.
Министерот Спасовски за актуелната политичка состојба во државата, вели дека никој не може да им опонира на 80 проценти од граѓаните што сакаат европска перспективата.
„80 проценти од граѓаните во Република Северна Македонија посакуваат да бидат дел од европското семејство. Кој е тој што може да опонира на 80 проценти од граѓаните? Кој е тој што сака да ја уништува перспективата на државата? Затоа сметам дека сите политички субјекти, и сите одговорни политичари треба да работат на остварување на една ваква цел и нема изговори веќе во државата за нашиот напредок дека некој друг ни стои на патот во остварување на нашите цели, нагласува министерот Спасовски во интервјуто за Фронтлајн и ЦИВИЛ Медиа.
Тој истакна дека СДСМ е стожер на проевропскиот фронт и водечка политичка сила кога станува збор за проевропскиот блок.
„СДСМ е стожер на европскиот фронт. Таа е водечка политичка сила во државата кога станува збор за проевропскиот блок и СДСМ е таа околу која што ќе се собере европскиот фронт“, дециден е Спасовски.
Министерот во интервјуто зборува и за двојното убиство во Старата скопска чаршија и за борбата со криминалните групи. Тој нагласува дека никој не е помоќен од државата. Спасовски, исто така зборува и за измените во Кривичниот законик и за можноста опозициската ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени.
Каква е безбедносната состојба во земјата во услови на руската агресија против Украина? Кои се главните предизвици и што треба да знае јавноста во овој контекст?
Спасовски: Прво безбедносната состојба во Северна Македонија, генерално е стабилна, без некакви индиции за нарушување, ниту пак, се регистрирани инциденти од некако поширок размер. Статистичките податоци ако ги погледнеме за првите осум месеци од 2023 година говорат во прилог на ова што го истакнав. Вкупниот криминалитет за 11 проценти е намален во однос на истиот период од минатата година и тоа покажува дека не само што е стабилна состојбата, туку како индикатор којшто покажува дека сите врвни приоритети во делот на безбедноста се остаруваат, секако дека ова се едни од најдобрите резултати коишто ги имаме во последните 30 години.
Ако ги погледнеме и истражувањата кои што ги прават регионалните и меѓународни институции коишто се занимаваат со делот на безбедноста, Република Северна Македонија е најбезбедна земја на Западен Балкан и е во друштво со 36 земји најбезбедни во светот. Тоа се податоци и анализи коишто ги прават релевантни меѓународни организации од делот на безбедноста.
Кога зборува веќе за руската инвазија на Украина, секако дека таа прави импликации не само врз безбедносната, туку генерално и врз економската состојба, заради тоа што и на стратешко и геополитичко ниво се менуваат работите постојано.
Меѓутоа, за нас како држава е многу важно, кога зборуваме за украинската криза, кога зборуваме за руската инвазија врз Украина, ние зборуваме за важноста на Република Северна Македонија да биде дел од НАТО алијансата. Сето тоа што го говоревме кога пристапуваме кон НАТО алијансата, зборувавме дека е многу важно да бидеме дел од најголемиот воено политички сојуз, и оваа криза покажа дека многу полесно е да имате силни партнери, да имате силни сојузници, да бидете заедно во сојуз којшто може да не штити сите нас.
Колку е важно да имате гаранција за територијалниот интегритет, за суверенитетот на државата, за границите на државата и тоа е една придобивка која што (за жал ја имавме украинската криза), меѓутоа придобивка која што многу брзо ги покажа придобивките на Република Северна Македонија како членка на НАТО алијансата.
Така сите институции на системот, сите институции во делот на безбедноста се ставени максимално во функција сè со цел да се сочува и унапреди безбедноста на државата.
Кога станува збор за безбедноста, сајбер криминалот, дезинформациите и говорот на омраза на интернет се сè поприсутни. МВР во некои случаи покажа дека знае брзо да реагира. Дали пропагандата на медиумите и социјалните мрежи можат да бидат причина за внатрешна дестабилизација?
Спасовски: Хибридните закани или сајбер безбедноста е еден сериозен безбедносен предизвик којшто не доаѓа тој во поново време, туку генерално ние го препознавме многу повеќе во поново време, а е многу сериозен, безбедносен предизвик и предизвикува сериозни ризици во делот на безбедноста.
Ако погледнете низ статистика низ популации, може да се види дека сајбер нападите можат да има далеку по лоши последици него на конвенционална војна. И во овој дел одделот за спречување на организиран и сериозен криминал при МВР многу долг период веќе работи на справување на ваков тип на сајбер напади, на сајбер закани коишто ги имаме, за борбата против тероризмот, радикализмот, сето тоа го опфаќа овој вид на криминал. Исто така, направивме посебни протоколи, коишто практично ги дефинираат чекорите кои што ги преземаме Министерството за внатрешни работи во услови кога имаме сајбер закани. Знаете дека државата беше соочена со сајбер заканите, меѓутоа, новите протоколи за процентот на сериозноста на хибридните закани практично вроди со огромен резултат во ефикасноста на Министерството за внатрешни работи за справување со еден ваков случај.
Кога зборуваме за компјутерскиот криминал во првата половина од 2022 година беше регистрирано зголемување на компјутерскиот криминал во државата за некаде околу 48 проценти, а ако го споредиме со истиот период од 2021 година, додека пак причината материјална штета беше 10 кратно поголема отколку во претходните години и притоа имаме расчистено некаде околу 76 кривични дела од компјутерски криминал, со што е постигната голема ефикасност од околу 67 проценти, и таа практично ефикасност е зголемена за 10 проценти ако споредиме со претходната година.
Од оваа година ако ги погледнеме резултатите, ќе видиме дека имаме намалување на компјутерскиот криминал за 7,4 проценти во споредба со минатата година, регистрирани имаме 112 кривични дела или 65 сторители, притоа сторена материјална штета од 31,9 милиони денари.
Од вкупно кривични дела кои што се направени во делот на компујутерскиот кpиминал некаде 53 односно 47,3 проценти се целосно расчистени и тоа е практично постигнатата вкупна ефикасност.
Трендот на намалувањето на компјутерскиот криминал, којшто е оваа година, практично е резултат на намалување на кривичните дела со платежните картички, и тоа беше нешто што го правеше најмногу процентот на кривичните дела. Тие учествуваа некаде со околу 43 проценти од вкупно регистрираните кривични дела во овој дел. МВР во наредниот период исто така ќе биде и носител на активноста за изготвување на посебна национална стратегија за компјутерски криминал и во овој дел интензивно ќе се работи и на подготовка на еден акциски план којшто практично ќе ги подобри сите овие аспекти за борбата со компјутерскиот криминал и така наречените хибридни закани, хибридна војна која што практично се интензивира исто така по Руската агресија на Украина.
Говорот на омраза е неизоставен дел и тој е еден вид на организиран криминал и тука значително е зголемен обемот на активности коишто ги презема Министерството за внатрешни работи и притоа работи многу на градење на капацитетите за препознавање на говорот на омраза, подигањето на јавната свест кај граѓаните дека и тој говор на омраза треба да биде пријавен и да биде санкциониран. Така може да констатираме дека бележиме сериозен напредок во вкупната борба против сајбер криминалот.
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ја нарекува преговарачката рамка на ЕУ како бугарски диктат. Очекувате ли ВМРО-ДПМНЕ да рефлектира за иднината и перспективите на државата?
Спасовски: Како прво рамката за преговори ја утврдува европската комисија и таа рамка е утврдена на основа на францускиот предлог којшто беше прифатен и од страна на Собранието на Република Северна Македонија. Тоа е завршена работа на основа на преговарачката рамка во коешто не се задира воопшто во националниот идентитет, не се задира во јазикот, не се задира во државноста и во ниту едно прашање коешто може на било кој начин да ни го наруши нашиот идентитет. Едноставно е рамка која што е за иднината, за просперитетот на граѓаните, за европски вредности и за остварување на нашата крајна цел, а тоа е остварување на националниот интерес членство во Европската Унија.
Сите овие активности коишто ги презема опозицијата, лидерот на опозицијата, е класична манипулација со јавноста во остварување на лични и политички цели, затоа што не е доволно вие декларативно да се залагате за членство во Европската Унија и притоа чекорите што ги правите не само што не помагаат, туку во голема мера се баласт на целиот процес за Европската Унија. Така да, не може да стане збор за никаков диктат од никого, заради тоа што наша цел стратешка е во темелите на македонската државност, во 90-тите години е вградена дека ние ќе градиме самостојна суверена, независна држава како дел од европското семејство и од НАТО алијансата. Тоа се наши стратешки определби и ние постапуваме оставарувајќи ги интересите на граѓаните.
80 проценти од граѓаните во Република Северна Македонија посакуваат да бидат дел од европското семејство. Кој е тој што може да опонира на 80 проценти од граѓаните? Кој е тој што сака да ја уништува перспективата на државата. Затоа сметам дека сите политички субјекти, и сите одговорни политичари треба да работат на остварување на една ваква цел и нема изговори веќе во државата за нашиот напредок дека некој друг ни стои на патот во на остварување на нашите цели.
Ние сме тие кои што треба активно да работиме за да ја оствариме оваа крајна цел – членството во Европската унија и притоа да не губиме години, да не губиме нови генерации на млади луѓе во државата, туку на нив да им ја понудиме перспективата преку еден ефикасен процес за членство во Европската унија и притоа да имаме на ум дека на основа на тие геостратешки поместувања се отвора сериозна шанса за забрзување на процесот на членство во Европската унија.
Сето друго, е манипулација со граѓаните, манипулација со ставовите коишто ќе се користат за дневно политички цели. Така да, одговорноста на оваа генерација е да направи еден сериозен исчекор и притоа да знаеме дека сето она што го правиме го правиме заради нас самите, не заради било кој друг и да бидеме благодарни на сите наши партнери којшто не поддржуваат во целиот овој процес.
Што мислите за измените во Кривичниот законик? Дали има политички пазар?
Не може да стане збор за политички пазар, заради тоа што – кој е резултатот од таквиот пазар доколку постоел. Сигурно не би правел некој политички пазар за да ВМРО-ДПМНЕ му опонира на промена на Уставот. Нормално е во едни вакви услови во коишто ние очекуваме исчекор напред, преку пласирање на разни дезинформации, полувистини, пропаганди и тн., да се ствара одредена перцепција кај граѓаните дека некој нешто или со некого договара. Сметам дека нема основа за политички пазар, а најмалку може да има основа за политички пазар кога се во прашање витални национални интереси.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека во „Европскиот фронт“ има простор за сите проевропски и проамерикански политички партии. Дали СДСМ се гледа во тој Европски фронт на претстојните парламентарни избори?
Спасовски: Еднаш и засекогаш мора да се одвојат прогресивните сили во државата, визави, сите оние кои што ја влечат државата назад, оние ретроградни сили, оние сили коишто не ѝ помагаат на држата да напредува. Така да, не може да зборуваме само за фронт во којшто би биле само политички партии.
Не можат политичките партии да ја имаат ексклузивата на тоа дека би биле дел од фронтот, туку треба да бидат сите прогресивни граѓани, невладини организации, интелектуалци… Секој еден којшто смета дека на било каков начин може да допринесе за да напредува, државата е дел од тој проевропски фронт и тоа е идејата или визија за која што сите ние треба да се бориме и тоа е нешто што е прифатливо за сите нас. Веќе прашање на техника е како ќе се настапува на изборите.
На еден или на друг начин, важно е крајната цел. А крајната цел е прогресивните и проевропските сили тие коишто имаат визија за државата тие да ја водат државата.
Се гледа ли СДСМ во тој фронт?
Спасовски: СДСМ е една од најпрогресивните партии, СДСМ е партијата која што сите важни чекори за државноста и напредокот на државата биле донесени кога таа била на власт.
И спрема тоа, нè да се гледа – СДСМ е стожер на европскиот фронт. Таа е водечка политичка сила во државата кога станува збор за проевропскиот блок и СДСМ е таа околу која што ќе се собере европскиот фронт.
Дали СДСМ е посилен со Зоран Заев или без него?
Спасовски: Неминовно е дека визијата на тогашниот претседател на СДСМ и понатаму премиер на Република Северна Македонија, во којашто се отвори општеството за сите граѓани и визијата дека Република Северна Македонија мора да се гради како општество со еднакви можности на сите, e визија која што не само да ја иницираше, туку ја заживеа и на дело ја постави како принцип на владеење и на градење на македонското општество – Зоран Заев, и тоа е факт oд кој не може никој да избегне во овој момент. Инаку, за напредокот и на СДСМ и на државата се сите потребни, најмногу оние кои најмногу дале за државата. Зоран Заев е еден од тие.
Вашето име се споменува како можен кандидат за претседателските избори следната година. Имате ли амбиции да станете претседател на државата?
Спасовски: Ова е период во којшто има многу предлози, многу мислења, многу видувања, многу инцијативи и така натаму и тоа е легитимно во една демократска дебата којашто се води. Јас сум насочен исклучиво сега кон остварувањето на моите цели визија во Министерството за внатрешни работи. За сите прашања ќе се отвори дебата пред се во партијата па понатаму и во целиот тој проевропски фронт. За мена што е важно? За мене е важно тој проевропски фронт да ја добие довербата на граѓаните. За мене е важно тој што ќе биде Претседател на државата, Владата што ќе се формира да бидат насочени кон остварувањето на нашата јасна визија за членство во Европската унија. Така да, за сите овие прашања ќе се разговара и тоа е многу легитимно, многу демократски да бидат отворени ваквите прашања, имаме дебата. Јас очекувам дека ќе донесеме најдобри и најмудри одлуки во интерес на граѓаните на државата.
Хипотетички, ако Европскиот фронт даде зелено светло, ќе бидете кандидат за претседател?
Спасовски: Ова е многу сериозно прашање за да ние одговараме хипотетичка. Ова треба да се разговара и да се носат одлуки во вистинско време. Секоја сериозна одлука бара рационалност, не емоција, како и правовременост во носењето, така да, кога ќе дојде моментот, ќе се разговара за сите прашања. Одговарањето на хипотетичките прашања му штети на било кој процес, па и на овој.
Ќе рефлектира ли конечно Мицкоски за интересите на државата?
Спасовски: Искрено да кажам не можам да бидам оптимист дека Мицкоски, па и ВМРО ДПМНЕ би биле, еве конечно би рекол, за остварување на интересите на државата, затоа што сметам дека не направија никаква реформа тие во функционирањето во размислувањето.
Мислам дека нема никаква разлика од времето на режимот од 2016 година и начинот на кој што функционира и сега. Јас искрено посакувам да се направи еден таков исчекор и важните одлуки за државата да ги донесеме сите заедно да покажеме, национално единство и високо развиена свест за иднината на државата и на граѓаните.
Меѓутоа не сум голем оптимист дека се има таков капацитет да се разберат сите овие работи кои што ѝ се потребни на државата.
Пред неколку месеци имавме неколку убиства како последица од пресметки меѓу криминални групи. Двојно убиство во Старата скопска чаршија, едно во Косово и едно во Грција. До каде е истрагата за овие случаи? Можете ли да откриете нешто за нивната позадина и размерот на подземните криминални мрежи?
Спасовски: Прво сакам да ја искажам решеноста на ова раководство на Министерството за внатрешни работи да се справи со криминални структури коишто биле создавани градени во изминатата 30 години. Ова е прв пат да се води сериозна битка против криминални структури. Без разлика кои се тие и од каде доаѓаат.
И во таа наша намера, никој со ништо и за никаква цел не може да не запре заради тоа што сметаме дека безбедноста на граѓаните е наш врвен приоритет.
Инаку, што се однесува до конкретни настани, јас можам да зборувам за настани кои што се случиле на територијата на државата и не можеме да разговараме за убиства во Грција и во Косово. Тоа е работа на истражните органи на тие земји и тие треба да ги дадат одговорите за овие инциденти кои се случиле.
За случајот што се случи овде во Скопје, има напредок во истрагата, има прибрано доволно докази и се работи интензивно. Јас сметам дека можеме да дојдеме многу брзо до целосно расчистување на овој случај. Меѓутоа поважно е дека најголемиот дел од криминалните структури во т.н. групи кои што делувале и биле градени во изминатите 30 години, најмногу поддржани во времето на режимот, веќе се изнесени пред лицето на правдата и издржуваат казни за тоа што го што го прават. Да напоменам дека само последниот месец имаме апсење на тројца членови на криминална група, коишто претходно беа во бегство или беа недостапни за органите на прогонот. Така да мојата јасна порака е дека ќе направиме сè за да се штити интересот на граѓаните, безбедноста, јавниот ред и мир. Ќе направиме сè без поговорно да, секој еден што се занимава со криминал да одговара, сите тие криминални групи да бидат растурени, да се конфискува сето она што го имаат постигнато на нелегален начин и уште еднаш упатам јасна порака = никој да не мисли дека може да биде посилен од државата. Тоа не било и нема да се случи.
Дали има поврзаност меѓу трите случаи? Сигурно разменувате информации преку Интерпол со косовската и грчката полиција.
Спасовски: Тоа се информации коишто претставуваат дел од истрагата, додека не биде завршен целосната истрага ние не можеме да изнесуваме информации во јавноста заради тоа што, ќе се сложите, сепак истрагите мора да се водат во институциите, а не во медиумите.
Разговорот го водеше: Дестан Јонузи
Камера и монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Ангел Ангеловски