Египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси денеска потврди дека ќе се кандидира за трет мандат на претседателските избори закажани за декември.
Ал-Сиси, поранешен генерал кој беше претседател од 2014 година, се очекуваше повторно да се кандидира и се смета дека ќе може да освои трет мандат по уставните промени пред четири години кои му дозволуваат да остане на власт до 2030 година.
Во последните недели, неговите поддржувачи започнаа кампања со поставување постери и пораки за да го охрабрат Сиси да се кандидира.
Ал Сиси дојде на власт по соборувањето на демократски избраниот Мохамед Морси од Муслиманското братство во 2013 година. Тој беше прогласен за победник на претседателските избори во 2014 и 2018 година со 97 отсто од гласовите. Изборите доаѓаат во време кога Египет се бори со рекордна инфлација и хроничен недостиг на девизи.