Абу Убаида, портпарол на бригадите Из-Дин ал-Касам, военото крило на Хамас, тврди дека борбите се уште траат во неколку области во близина на северната граница на Газа, вклучувајќи ги Зиким, Суфа и Мефалсим, и дека денеска успеале да киднапираат нова група израелски заложници во појасот Газа.
Абу Убаида, исто така тврди дека членовите на Хамас убиле и раниле голем број израелски сили во Мавкиим, јужно од Ашкелон, и безбедно се повлекле од базата Урим, каде е седиштето на единицата за разузнавање 3200 на израелските одбранбени сили (ИДФ), додаде тој.
Портпаролот, исто така, тврди дека членовите на Хамас документирале случаи во кои израелските сили убиле голем број израелски заробеници приведени од терористичката група. Хамас во минатото имаше слични тврдења, кои подоцна се покажаа како лажни, наведува Тајмс оф Израел.
Претходно, високиот функционер на Хамас, Муса Абу Марзук рече дека терористичката група држи повеќе од 100 израелски заложници, вклучително и високи армиски функционери, јави палестинскиот весник Ал Хадат. Исто така, милитантната група Исламски џихад рече дека заробила околу 30 заложници. Хамас тврди дека меѓу заробените има и војници од ИДФ.
Најмалку тројца американски државјани се убиени во нападите на милитантите на Хамас против Израел, објави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на информации од американски официјални извори.
Како последица на нападите животот го загуби и француски државјанин, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи во Париз.
Непал извести дека 11 непалски студенти по агрономија се исчезнати по избувнувањето на насилството во Израел, јави ДПА. Тие студирале на агрономски колеџ во Кибуц Алумим на границата со Газа.
Во училиштето имало вкупно 17 ученици од Непал. Во нападите се повредени четири лица кои се примени на лекување, додека за двајца е потврдено дека се безбедни.
Студентите беа во Израел на студиска програма за странски студенти спонзорирана од израелската држава.
Во Израел работат околу 4.500 Непалци, а според податоците на непалските власти, во споменатата програма учествуваат вкупно 265 нивни студенти.