Режисерката Дина Дума, чиј дебитантски долгометражен филм „Сестри“ е објавен на најгледаната стриминг платфрома – Нефликс, гостуваше во „Што го врти светот“. Во епизодата таа зборува за македонскиот филм, како и за развојот на нејзината кариера. Дума е дел и од режисерскиот тим на Преспав најгледаната македонска серија. Дина, имаше можност да биде гостин во резиденцијата на Канскиот филмски фестивал каде го развиваше сценариото за следниот филм „Скејтањето не е за девојчиња“. 5 месеци работеше во срцето на европската кинематографија, заедно со 5 режисери од целиот свет под менторство на некои од искусни сценаристи и режисери.
Престојот во Париз беше одлично искуство. Особено во оваа рана фаза од развој на сценариото, имав и стручна поддршка што е навистина важно. 10 дена имав можност да присуствувам на Канскиот филмски фестивал, да ги видам сите премиери, како и сите нови филмови кои таму се прикажуваат. Го презентирав проектот (новиот филм) во Кан и соработував со прекрасни луѓе.
Според режисерката важно е државата повеќе да вложува во филмот. На поткастот беше дискутирана и важноста која филмовите и содржините на македонски ја имаат за заштита на јазикот. И дека доколку сакаме светот да чуе содржини на македонски условот е државата да вложува во тоа. Особено недостасуваат содржини за деца, па често децата не зборуваат македонски, или зборуваат користејќи многу странски изрази и зборови.
Особено се важни содржините за деца. Јас се соочувам со проблем сега кога правам кастинзи и сум во контакт со помладата генерација. Гледам дека тие воопшто не зборуваат македонски јазик. Повеќе знаат англиски и англицизимите многу се употребуваат и жал ми е што е тоа така.
Во текот на епизодата се зборуваше и за работата на Преспав, но и за потребата од продукција на повеќе македонски серии. Иако буџетите за продукција на серија се повисоки, сепак можноста за комерцијализација кај нив е многу поголема. Сега е одлично време да се искористат можностите кои дигиталните медиуми и платформи ги даваат за промоција на содржини продуцирани кај нас.