Антиевропската агенда е спротивно на она што значи патриотизам денес. Токму антиевропската агенда води кон живот надвор, во туѓина – води кон Македонија без луѓе. А само тоа значи закана за македонската држава, македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Секој што со антиевропска агенда се обидува да ја врати земјата во мрачното и мачно минато, мора да го поразиме. И ќе го поразиме, истакна премиерот Димитар Ковачевски на народниот собир во Прилеп, с.Селце.
Тој појасни дека блокада на европскиот пат е блокада за македонскиот идентитет во ЕУ, да биде оставен на страна од европското семејство за утре други да може повторно да го негираат и додада дека блокадата на европскиот пат е блокада на повеќе пари за развој на земјата, блокада на поголеми плати, подобро образование, европски вредности.
„Затоа ние генерациите на денешнината имаме обврска да се справиме со антиевропската агенда. Да се обединиме околу Европскиот фронт и да се справиме со атиевропската и антимакедонската агенда. Ќе успееме заедно, затоа што се работи за најважното нешто: иднината на државата, на целиот наш народ“, потенцираше Ковачевски.
„На сите блокатори кои работат против европската и македонската агенда ќе им го покажеме македонскиот пркос, решителност и мотивираност за нов државен успех. Победата на СДСМ и Европскиот фронт на претседателските избори наредната година ќе биде првиот пораз на антиевропскиот концепт. Кандидатот на СДСМ ќе победи на претседателските избори. Затоа што граѓаните не сакаат нова изолација, нови иселувања на младите, стагнација и неизвесност“, заклучи Ковачевски.