Ние сме посветени да ги надминеме, и посветени сме на уништување на нашите непријатели рече израелскиот претседател Исак Херцог на почетокот на денешната средба со францускиот претседател Емануел Макрон.
– Ситуацијата е исклучително комплицирана и кревка. Бараме целосно и итно ослободување на сите наши граѓани, додае тој.
Тој истакна дека „нема разлика помеѓу израелски граѓани и некој што има друго државјанство“ по најавите дека десетици заложници со странско државјанство може да бидат ослободени.
Херцог, исто така, рече дека Иран „игра со оган“ во Либан.
– Ако Хезболах не вовлече во војна, треба да биде јасно дека Либан ќе ја плати цената. Либан не може да биде суверена членка на меѓународната заедница, нејзините граѓани да носат либански пасош, но кога станува збор за напад на Израел, тие не се одговорни, нагласи израелскиот претседател.
Зборувајќи на англиски, Макрон рече дека „првата цел треба да биде ослободување на сите заложници без никаква разлика“.
– Сакам да ве уверам дека не сте сами во оваа војна против тероризмот. Зборувам во име на земја која доживеа терористички напади. Ние стоиме со вас и вашата нација и ќе направиме се што е можно за да ги вратиме мирот, безбедноста и стабилноста во вашата земја и целиот регион. И мислам дека е наша должност да се бориме против овој тероризам, без никакво двоумење, без проширување на конфликтот, нагласи Макрон.
Тој рече дека Франција им пренела пораки на „други терористички организации“ и додаде дфека е неопходно да се спроведат „целни операции“.
Макрон претходно се сретна со семејствата на киднапираните Израелци, а по Херцог треба да се сретне и со Нетанјаху.
Тој подоцна во текот на денот ќе се состане со министерот на воениот кабинет Бени Ганц и со лидерот на опозицијата Јаир Лапид, пред да замине за Рамала.
Францускиот претседател уште вечерва заминува дома.