Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска учествувал на панел дискусија на тема „Поддршка на бранителите на демократијата во Авганистан“, во рамки на завршен настан на Програмата за поддршка на Авганистан во Северна Македонија, во организација на Национален демократски институт.
Одговарајќи на прашањето дали е задоволен од соработката за заштита на авганистанската заедница и кои се научените лекции од ова искуство, министерот Спасовски истакнал дека тоа било едно непроценливо, меѓуинституционално, партнерско постигнување и заедничко искуство, во текот на времениот престој и преселувањето на оваа авганистанска заедница од Република Северна Македонија во Северна Америка, односно во Канада.
– Целта на оваа активност примарно беше насочена кон хуманитарно згрижување на членовите и нивните семејства од Авганистанската канцеларија на НДИ, но и од канцеларијата на американскиот Национален демократски фонд во Авганистан, кои што од оваа земја беа евакуирани во две групи од вкупно 178 лица – првата група на 05.10 2021 година и втората на 13.01.2022 година. Би сакал да потенцирам дека Република Северна Македонија во рамки на партнерството и билатералната соработка со САД прифати вкупно 793 граѓани на Авганистан, од кои и посочените 178 лица чиј што статус беше оценет како високо ризичен по преземањето на власта на Талибанците во Авганистан, нагласил министерот Спасовски, соопштија од МВР.
Истакнувајќи дека МВР презело плански конципирани мерки и активности за што поуспешно и квалитетно реализирање на оваа хуманитарната мисија за прифаќање на граѓаните, Спасовски појаснил дека за таа цел биле опфатени и испланирани сите безбедносни аспекти за прифаќање и третман на лицата, во тесна координација и соработка и со Канцеларијата на НДИ во Република Северна Македонија, и тоа како еден континуиран наш заеднички ангажман.
– Токму тука сакам посебно да нагласам дека еден од клучните фактори дали еден таков потфат ќе биде успешен или не, особено кога станува збор за меѓуинституционална инволвираност во реализaцијата на истиот, е токму факторот на координација, што меѓу другото ги подразбира размената на информации, меѓусебна доверливост, постојана и навремена комуникација, рекол министерот за внатрешни работи.
Тој потенцирал дека МВР се соочило со значителни предизвици при реализација на хуманитарната мисија за прифаќање на граѓаните од Авганистан, и таа нужно морало, нагласил, да биде спроведена во соработка со меѓународни организации, секако примарно и со вашата, и со поддршка од други влади и држави. Спасовски изразил задоволство од успешното завршување на овој проект, упатувајќи благодарност до пријателите од НДИ, до амбасадата на САД во Република Северна Македонија за соработката, поддршката, но и за можноста да се стекнеме со вакво специфично практично искуство што секако оди во полза на полициските и други служби во рамки на Министерството.