Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека копнената операција што ја започнаа израелските војници во Појасот Газа претставува втора фаза од долгата и тешка војна против Хамас, пренесува АП. „Ова е втора фаза од војната чии цели се јасни – да се уништи власта на Хамас и воените цели и да се вратат заложниците дома“, рече Нетанјаху на прес-конференција во Тел Авив.
„Војната во Појасот Газа ќе биде долга и тешка и ние сме подготвени за тоа“, истакна израелскиот премиер, додавајќи дека неговата војска „ќе го уништи непријателот на земја и под земја“.
Тој повторно ги повика палестинските цивили да се евакуираат од северниот дел на Појасот Газа каде Израел ги фокусира своите напади. Тој исто така нагласи дека 90 отсто од воениот буџет на Хамас доаѓа од Иран.
Израел ја блокираше и бомбардираше Газа три недели по нападот на исламистичката група Хамас на 7 октомври кога загинаа 1.400 Израелци во најсмртоносниот ден во 75-годишната историја на нацијата. Министерството за здравство под контрола на Хамас објави денеска дека 7.703 лица, меѓу кои повеќе од 3.500 деца, се убиени во Појасот Газа од почетокот на војната со Израел.
Нетанјаху нагласи дека треба да се направат сите можни напори за да се спасат над 200-те заложници кои ги држи Хамас. Тој денеска им вети на семејствата на заложниците во Појасот Газа дека Израел ќе ги „разгледа сите опции“ за да обезбеди нивно ослободување. Запрашан дали контактите за ослободување на заложниците ќе продолжат за време на копнената офанзива, тој одговори: „Да“.
Г. Т.