Двајца 18-годишни штипјани се приведени бидејќи превезувале 23 мигранти од Сирија меѓу кои имало и 10 малолетници. Мигрантите се откриени во Велес откако товарното возило марка „форд“ со скопски таблички излетало од патот и паднало во ископ.
Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека вчера околу 20:05 часот на автопатот А1 возачот А.И. од селото Стар Караорман не застанал на знакот на полициските службеници по што влегол во Велес и на ул.„8 Септември“ излетал од патот и паднал во ископ. Притоа, со повреди се здобил еден малолетник, кој е пренесен во болницата во Велес. При приведувањето, А.И. физички нападнал полициски службеник.
По наредба на јавен обвинител, увид извршила екипа од СВР Велес, а по целосно документирање на случајот се најавуваат соодветни пријави.