Со уметничкиот проект „Поврзување“, Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија вечер за првпат ќе гостува во градот Сандански. Десеттата јубилејна изложба од проектот која во јули оваа година беше поставена во галеријата на Академијата за ликовни уметности во Софија, сега може да ја види културната публика во Сандански.
Станува збор за групна изложба „Средба од десетти вид“, составена од дела на 16 автори, која ќе биде отворена во Уметничката галерија во Домот на културата на град Сандански. Изложбата е дел од овогодишните настани со кои се одбележува 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Авторите кои учествуваат се ликовни уметници од Северна Македонија, кои живеат и работат во Бугарија – Маријана Иванова, Перица Георгиев – Пепси, Павел Целкоски, Марјан Ѕингаров, Иво Пецов и Зоран Мише. Исто така се опфатени и дела на автори кои живеат и работат во Северна Македонија: Гордана Вренцоска, Дејан Иванов – Маргуш, Јана Манева-Чупоска, Беди Ибрахим. Освен нив се вклучени и бугарските автори: Момчил Мирчев, Свилен Стефанов, Росен Тошев. Овогодишната јубилејна изложба во својот творечки состав за првпат вклучува и автори од други земји, како што се Рикардо Кварежма Виејра и Валтер Праташ, од Португалија, и Золтан Ференц, од Романија.
Изложбата е составена од околу 50 дела од областа на цртежот, графиката, сликарството, скулптурата, фотографијата, дигиталната графика и видеоарт. За љубителите на ликовната уметност изложбата ќе биде отворена до 19 ноември 2023 г.
Почетокот на проектот „Поврзување“ на КИЦ на Северна Македонија е поставен во 2012 година и прескокнувајќи ја единствено 2013 година продуцира ликовни изложби до денес, а со тек на времето списокот на автори се зголемува. Кон базичната група „Конекција“, составена од уметници од Северна Македонија кои живеат и работат во Бугарија, постепено се вклучуваат и македонски уметници кои имаат активна уметничка дејност во Северна Македонија, како и бугарски уметници кои имаат изјавен творечки пат. Оваа година кон изложбата се вклучени и дела од романски и португалски уметници.