Координаторката на советничката група на СДСМ во Советот на општина Прилеп Моника Грашеска – Илиеска вели дека со ребалансот на буџетот на Општина Прилеп се кратат парите за асфалтирање и за улично осветлување.
„На месец и пол пред крајот на 2023, на 45 денови пред гласањето на буџетот за следната 2024 година, Советот на општина Прилеп ќе носи ребаланс на буџетот за тековната година. Ова е најдобриот доказ за неодговорното и недомаќинско работење на локалната власт на чело со ДПМНЕ и градоначалникот Борче Јовчески, како и за нивното двегодишно лошо и нестручно менаџирање на парите на граѓаните“, истакна на денешната прес-конференција Грашеска – Илиеска.
Таа вели дека „предложениот ребаланс истовремено го открива целото лицемерие на Јовчески и ДПМНЕ и ги разобличува нивните лаги за односот на централната кон локалната власт.
„Со ребалансот, дотациите од Владата кон Општина Прилеп се зголемени за повеќе од 48 милиони денари, или за близу 800.000 евра. Наспроти тоа, буџетските приходи на основниот буџет се намалени за 8.5 милиони денари. Градоначалникот Јовчески треба да има доблест да признае дека сето она што се прави во училиштата е резултат на владините блок дотации, кои за основните општински училишта се повисоки за 500.000, а за средните училишта за 200.000 евра. Наместо за проекти од интерес на граѓаните, ДПМНЕ и Јовчески од општинскиот буџет трошат 450.000 евра за нови привремени вработувања на партиски војници, роднини и пријатели“, вели Грашеска – Илиеска.
Таа нагласува дека „се кратат парите и за трипати најавената „градежна офанзива“, лага која се распрсна како меур од сапуница“.
„Со месеци наназад прилепчани реагираат дека и покрај тоа што редовно плаќаат за улично осветлување, градот е потонат во црна темница. Ребалансот на буџетот кажува дека не само што состојбата нема да се подобри, туку ќе оди на полошо, бидејќи градоначалникот и ДПМНЕ дополнително ги намалуваат средствата за јавно осветлување дури за 8 пати – од 3.1 милион, на 400 илјади денари. Она што неизбежно треба да се потенцира, е кршењето на законите од страна на градоначалникот при подготовката на Предлог планот на развојните програми. Конкретно, иако во Законот за буџети е децидно кажано дека програмите за развој до Советот на општината се доставуваат најдоцна до 20 октомври во тековната година, Јовчески го прекрши законскиот рок за повеќе од 20 дена. Да биде трагикомедијата поголема, надминувањето на законскиот рок не беше заради изработка на нови проекти во функција на подобрување на условите за живот во градот и населените места. Напротив – нема нови проекти, нема нови идеи. Благодарение на некадарноста и безидејноста на локалната власт на ДПМНЕ, на градоначалникот Јовчески и неговата паралелна администрација, трета година со ред до општинскиот Совет се доставуваат истите развојни програми кои никако да го здогледаат светлото на денот. Меѓу нив е, се разбира, и легендарната катна гаража ветена за изградба во 2022, во 2023 и сега повторно за 2024 година“, истакна Грашеска – Илиеска.