„Само во последната година вредноста на извозот на вино е зголемена за 12 милиони евра. Во најдобрите 15 земји извознички сме во светот. Ова е сектор во кој треба да се инвестира и да се знаат долгорочно целите“ рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски во „Студио 10“ на ТВ24.
Тој додаде дека со новиот закон за вино, кој е изработен со вклученост на лозарите, винарниците се усогласува македонското законодавство со деветте европски регулативи.
„Тука имаме дел за заштита на географските обележја, ознаки на потекло, формирање на организации на производители“ рече Николовски. Министерот кажа дека од утре започнува вториот саем за вино во рамките на Отворен Балкан, каде ќе има претставници од 60 земји и над 500 винарии, од кои 75 ќе бидат од Северна Македонија.
„Бевме и во САД, бевме и во Шангај. Насекаде се препознава квалитетот на македонското вино, затоа е добро со стратегија, закон и долгорочни политики да го поддржиме секторот“ рече Николовски.