Пишува: ДЕХРАН МУРАТОВ
„За секое дете, секое право“, гласи овогодинешната порака на ОН, по повод „Светски ден на детето“, меѓутоа, оваа порака за жал нема да важи и за десетгодишниот Мануел, кој пред два месеца беше усмртен на „Пластичарска улица“ во Скопје, а возачот доби само две години затвор.
Судот му одреди само две години затвор на „мерцедесџијата“ кој возел со поголема брзина од дозволената пришто го покоси малиот Мануел и побегна од местото, односно го остави како некое старо крпче на сред улица да му исцеди и последната капка крв! Но, тоа не беше битно за судот, важно е дека убиецот сам се пријавил и се покајал за стореното дело.
Можеби и навистина е така, можеби дечкото се кае најмногу на свет. Можеби судот со оваа мала казна му нанесе уште поголема болка и чувство на вина…
Сепак, случајот е затворен!
Гласни реакции нема, очекувано. Освен неколку ромски невладини организации и активист(к)и, кои најавија протест на 24 октомври (петок), друга реакција нема.
Погласна беше граѓанската реакција и осуда за оној тип што заклал зајак на јавно место, отколку за пресудата за смртта на десетгодишното дете.
А и што да се очекува од општество каде што „секој плаче врз својот гроб“. За убиството на малиот Алмир, протестираа претежно Албанците, за убиството на Фросина, Викторија… протестираа Македонците, или само нивните семејства, додека за смртта на Мануел барем засега, заинтересирани за закажаниот протест се претежно припадници на ромската заедница.
(Не)правдата нема етнички предзнак.
Уште колку млади луѓе или деца ќе треба да бидат усмртени од аздисаните возачи на БМВ-иња, мерцедеси, џипови, за судовите конечно да им одредуваат високи затворски казни?
Преземено: Цивил Медиа