Системските решенија за минималната плата и за пензиите даваат резултати. За повеќе од една година пензиите пораснаа за над 25 отсто, растот на пензиите го следи растот на инфлацијата, но и на просечната плата, изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на утринската програма на „Слободен печат“.
Тренчевска, како што соопшти МТСП, зборуваше за капацитетите на домовите за стари лица во државата и за услугите кои ги спроведува Министерството за труд и социјална политика со цел олеснување на животот на највозрасната категорија на граѓани.
– Не треба да се грижиме за највозрасните само за време на Недела на грижа на стари лица, туку секој ден. Особено тоа важи за нашето министерство каде е социјалната заштита и каде преку капиталните инвестиции се вложува во нови домови за стари лица, рече Тренчевска.
Таа напомена дека јавни установи за вон семејна социјална заштита на стари лица се во надлежност на општината. Тренчевска посочи дека министерството само ја финансира нивната изградба преку претходно приложен проект од страна на општината, кој секогаш пред реализација се усогласува со Комисијата за капитални инвестиции од министерството. Најави нови јавни установи за вон семејна социјална заштита на стари лица во Пробиштип и во Кавадарци.
Министерката Тренчевска најави дека наскоро Владата ќе донесе решение за нови мерки кои ги таргетираат најранливите категории на пензионери, односно пензионерите со најниски примања.