Насилството извршено од Хамас не може на кој било начин да го оправда колективното казнување на палестинскиот народ, изјави денеска генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
На состанокот на Советот за безбедност на светската организација тој повторно повика на „хуманитарен прекин на огнот“. Тој го упати својот апел пред гласањето што се очекува денеска за резолуцијата со која се повикува на прекин на огнот во Појасот Газа.
-Недискриминираното ракетно истрелување на Хамас врз Израел и употребата на цивили како жив штит ги прекршуваат законите на војната, но таквите акции не го ослободуваат Израел од сопствените обврски, нагласи Гутереш.
Се очекува денеска Советот за безбедност на ОН да се изјасни за нацрт-резолуцијата со која се бара прекин на огнот од хуманитарни причини.
Гласањето беше одложено за неколку часа до средбата меѓу американскиот државен секретар Ентони Блинкен и министрите за надворешни работи на неколку арапски земји и Турција.
Ентони Блинкен, пак, се сретна со катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани и разговараа за координирање на напорите за обезбедување ослободување на заложниците кои ги држеше Хамас и важноста да се спречи ширењето на конфликтот надвор од Појасот Газа.