Министерот за правда, Кренар Лога, заедно со премиерот Димитар Ковачевски, директорот на УВМК, Емир Сулејмани, државниот секретар во Министерството за правда, Мухамед Точи, и пратеничката Љатифа Шиковска им подели изводи од Матичната книга на родените на досега неевидентираните лица.
Министерството за правда го поддржуваше и го координира процесот за системско и трајно решавање на повеќедеценискиот проблем на приближно 700 лица, кои не беа евидентирани и не се незапишани во Матичната книга на родените.
Дадовме поддршка на подготовката на Законот за неевидентираните лица во Матичната книга на родените, кој беше донесен во 2020 година.
Предлог-законот за изменување и дополнување на овој закон беше поднесен од група пратеници во Собранието, а донесен на 14 Јуни 2023 година, посочи Лога.
Во согласност со Конвенцијата за правата на детето, со овој закон се гарантира правото на упис во Матичната книга на родените на секое дете родено на територијата на Република Северна Македонија веднаш, а најдоцна 45 дена од денот на раѓањето на детето независно од државјанството и личниот статус на неговите родители.
Донесувањето на овој закон ја покажа нашата политичка волја за почитување на човековите права на неевидентираните лица.
Беше истакната благодарност до невладините организации, до УНХЦР и ОБСЕ за континуираната поддршка што ни ја даваат за решавање на проблемот со лицата неевидентирани во матичните книги.