За разлика од претходните два меча во кои ја имавме улогата на аутсајдер против Франција и Германија, дуелот со Швајцарија како што и се најавуваше пред стартот на ЕП беше најголемата шанса да се оствари триумф и тоа се реализираше. Во поголемиот дел од првото полувреме одржувавме водство, најголемото изнесуваше 10:5 во 22 минута, а на пауза водевме со 13:9.
И во вториот дел контролиравме неколку пати од највисоки „плус пет“ позитива (15:10, 16:11, 17:12), но Швајцарците не се предаваа и предводени од најискусниот Шмид постепено се враќаа.
При негатива од 21:17, направија серија од 6:2 и на 10 минути до крајот на средбата на семафорот стоеше 23:23. Противникот успеа во финишот и да дојде до минимална предност која ја одржуваше, последната беше 27:26.
Но, Македонија кога беше најпотребно успеа да се одбрани и со головите на Талески, Јагуриновски и Митев ја потврдивме победата, нова во меѓусебните дуели против Швајцарија.
По завршувањето на мечот, иако Томовски имаше одлични перформанси, на крајот МВП признанието заврши во рацете на Шмид.
На крајот го освоивме третото место со два бодови, еден повеќе од Швајцарците, а подоцна за првото место ќе се борат Франција и домаќинот Германија кои веќе се квалификувани за главната фаза.
Еден од најзаслужните за победата на нашата селекција во „Мерцедес-Бенц Арена“ во Берлин беше голманот Мартин Томовски кој имаше фантастична партија и одлично го замени повредениот Никола Митревски.
Томовски ја круниса оваа победа на Македонија со 12 одбрани, а од стрелците по пет голови имаа Марко Митев и Ненад Костески.
На спротивната страна најрасположен беше Енди Шмид кој запиша 11 погодоци.
извор: Слободен печат