„Ако пред десетина година капиталните инвестиции беа 260-270 милиони евра годишно, во 2021 година достигнаа 385 милиони евра, што е подобрување од 100 милиони. Во 2022 година достигнаа 465 милиони евра, а минатата 2023 година достигнавме над 700 милиони евра за капитални инвестиции“ рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски на конференцијата „Година на европски можности“.
Тој додаде дека тоа значи развој на државата, изградба на патишта, железнички пруги, водоводи, канализации, социјални станбени згради и се што значи развој и подобар живот за граѓаните.
„Јас сум убеден дека ова е решението и треба да продолжиме по тој пат. Овие бројки не се само бројки, туку се реални проекти што се гледаат и на терен“ рече Бочварски.
Министерот кажа дека започнати се со реализација Коридорите 8 и 10д, веќе има градежни активности, а течат и постапки за проектирање, експропријација. Исто така механизација и работа на терен има и на железничката пруга на Коридорот 8, од Куманово до Крива Паланка, инвестиција вредна 200 милиони евра.