Синдикатот на Одбраната и Безбедноста (СОБ) соопшти дека бара пратениците од сите политички партии да ги надминат политичките надмудрувања и да дадат поддршка на законските решенија предвидени во Предлог законот за вработените во Министерството за одбрана.
Всушност, блокадата ја поставува ВМРО-ДПМНЕ со поднесување 1.500 амандмани, а својата блокада ја „правдаат“ со барањето да се реши статусот на семејствата на загинатите бранители, за кој имаа можност да го решат уште во 2008 година, кога во Собранието беа застапени со 61 пратеник.
Од Синдикатот велат дека со нив првпат се предвидуваат клучни права од работен однос за вработените. Со деблокирањето и донесувањето на овој закон, додаваат, пратениците ќе покажат дека донесуваат закони во полза на работниците, односно во случајов на вработените во Министерството за одбрана.
„Синдикатот на Одбраната и Безбедноста (СОБ), член на Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ), кој е единствен репрезентативен синдикат за Јавниот сектор во Македонија, како социјален партнер на Министерството за Одбрана подолг временски период одржуваше преговори со министерката за одбрана Славјанка Петровска, во насока на донесување на законско решение за вработените во МО“, се вели во соопштението.
Преку социјален дијалог со Министерството за одбрана, Синдикатот на Одбраната и Безбедноста успеа да договори комплетно нов Предлог закон за вработените во Министерството за Одбрана, при што за прв пат се предвидени клучни права од работен однос за вработените во МО, со кои се надминува дискриминацијата на работничките права, еден работодавач – три различни закони за разните групи на вработени, воведување бенифициран стаж за вработените во МО, изедначување на правата за пензионирање со АРМ, пензионирање на вработените во МО со навршени 40 години стаж, основица за пресметка при пензионирање да бидат најдобрите 10 години и еднакви плати за исти работни задачи во МО и АРМ, се вели во соопштение од Синдикатот.
Оттаму посочуваат дека пратениците со соодветни суштински амандмани можат да учествуваат во подобрување на предложеното законско решение.
Синдикатот на Одбраната и Безбедноста смета дека со донесувањето на овој закон кој, како што велат оттаму, е во согласност со принципите на земјите членки на НАТО Алијансата, ќе се овозможиат подостоинствени работнички права, подобри услови за работа, како и подобар стандард на вработените во МО.