Пишува: ДРАГАН МИШЕВ
Низ историјата се појавуваат извесни деградирани, посрамотени, разочарани американци кои своите интелектуални капацитети ги ставаат на располагање на „мрачните сили“ и се впуштаат како пропагандисти на озлогласени диктатори, како Путин и Хитлер. Пред и за време на втората светска војна, неколку американски нацистички симпатизери работеа како радиодифузери за германското државно радио, како Милдред Гиларс, позната како Аксис Сали, Роберт Хенри Бест, поранешен новинар кој го користеше слоганот „Mr. Погоди кој“, Џејн Андерсон, попозната како „Џорџија праска“, и можеби најентузијастичкиот радиодифузер, Фред В. Калтенбах.
Во поново време, како наследници на „озлогласените’ американци од времето на Втората светска војан, кои станаа дел од„ неславната“ мала група западни личности кои сега се ставија во служба на руската пропаганда, се истакнуваат американскиот новинар Сејмур Херш, како и Оливер Стоун, познатиот американскиот режисер, и секако осудениот педофил,Скот Ритер, поранешен инспектор за оружје на ОН во 1990-тите и аналитичар на Маринскиот корпус за време на советската инвазија на Авганистан, за кого ЦИВИЛ МЕДИА веќе пишуваше предходно.
И, како најнов изданок на оваа „мутирана“ лоза, се појавува контроверзниот американски медиумски човек Такер Карлсон, антиамерикански пропагандист, десничар, теоретичар на заговор, поранешен Трампист, мизогин, расист, хомофоб кој го интервјуираше рускиот претседател Владимир Путин. како првиот западен новинар на кој му беше дозволено да го интервјуира рускиот диктатор откако Русија ја нападна Украина пред речиси две години.
Такер Карлсон, гласот на републиканците на Фокс њуз
Карлсон, кој во минатото беше гласен поддржувач на Путин, пред дс биде отпуштен од Фокс њуз во април минатата година, тој го имаше ударниот вечерен термин на каналот во 2016 година со неговото шоу „Такер Карлсон Вечерва“, и брзо се етаблираше како клучен играч во мрежата и влијателен глас во републиканската политика.
Како што објави Би-би-си во кратката биографија на Карлсон, тој често пати ги прифаќаше теориите на заговор и прашањата на крајната десница, постојано доведувајќи ја прашање ефикасноста на вакцините за КОВИД и ги споредуваше мерките со „нацистичките експерименти“.
Додека тој постигнуваше успех, особено кај десно ориентираните гледачи, неговите запаливи коментари предизвикаа некои огласувачи да се дистанцираат од програмата.
Од водител на ТВ до интервју со Путин на Х
Карлсон го напушти Fox News во април минатата година, помалку од една недела откако матичната компанија Fox Corp се согласи да плати 787,5 милиони долари (631 милиони фунти) на Dominion Voting Systems за да избегне судење за клевета. Доминион, која произведува машини за гласање, тужеше поради покривањето на каналот за лажни тврдења дека машините ги наместиле изборите во 2020 година.
Карлсон се очекуваше да сведочи во судскиот процес Доминион. Во пораките откриени како дел од тужбата, Карлсон призна дека тврдењата за измама на гласачите се неосновани. Тој, исто така, рече дека „страсно“ го мрази поранешниот претседател Доналд Трамп, што значително отстапуваше од неговата предходна реторика во шоуто. Карлсон се сврте кон Х, каде што беше споделено интервјуто со Путин
Тој го рестартираше своето шоу на X минатата година, нарекувајќи ја страницата на Илон Маск последната голема преостаната платформа која овозможува слободен говор.
Медиумската личност во четвртокот навечер на X и на неговата веб-страница го сподели интервјуто на Путин , во кое му дозволи на рускиот диктатор нашироко да ги ламентира своите сфаќања за војната во Украина, за „денацификацијата“, можните мировни преговори по негов терк и за новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович, кој е во руски затвор речиси една година, под обвинение дека е американски шпион, нешто што САД го негираат, и за кого Путин рече дека нема да ја „исклучи“ опцијата за враќање на новинарот во САД, под услов САД да преземат „реципрочни чекори“.
Во интервјуто, Путин, исто така, рече дека нема „никаков интерес“ да ги нападне Полска или Латвија, велејќи дека тоа ќе го стори само ако која било земја ја нападне Русија. Но, да не заборавиме, истото го велеше и за Украина пред да ја нападне, нешто што Карсон „заборави“ да го спомене. Но, затоа,тој и неговиот тим подоцна заклучиле дека интервјуто „не било жестоко“ и „изгледало искрено“.
Зошто Путин се согласил да разговара со Карлсон?
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека интервјуто е одобрено бидејќи пристапот на Карлсон се разликува од „едностраното“ известување на традиционалните западни медиуми.
„Кога станува збор за земјите од колективниот Запад, големите мрежни медиуми, ТВ каналите (и) големите весници на ниту еден начин не можат да се пофалат дека се обидуваат барем да изгледаат непристрасно во однос на покривањето“, рече Песков. „Сите тоа се медиуми кои заземаат исклучително едностран став. Се разбира, нема желба да се комуницира со такви медиуми и тешко дека има смисла, а тешко дека ќе биде од корист.
Песков додаде дека претседателот се сложил на интервју со поранешниот водител на Фокс њуз бидејќи „неговата позиција е различна од другите“. Со други зборови, според сфаќањата ма Кремљ, Карлсон е подобен за да ја шири „руската вистина“. Во земја каде има строга цензура на влезот и излезот на информациите, очигледно минатиот труд на Карсон имал значајна улога во донесувањето на ваквата одлука.
„Тоа во никој случај не е проруски, не е проукраински – тој е проамерикански, но барем е во спротивност со позицијата на традиционалните англосаксонски медиуми.
Лукративните побуди на Карлсон за да го направи интервјуто
Во видео споделено на X неколку дена пред да се емитува, Карлсон рече дека го интервјуира Путин за да ги „информира“ Американците.
„Ниту еден западен новинар не се потруди да го интервјуира претседателот на другата земја вклучена во овој конфликт, Владимир Путин“, тврдеше Карсон.
Неговото врдење беше отфрлено од новинарите кои известуваат за Русија.
„Американците имаат право да знаат за војната во која се вмешани“, додаде тој.
Тој рече дека војната во Украина е „човечка катастрофа“ што ја смени долгогодишната политичка и трговска реалност ширум светот.
„А сепак населението во земјите од англиско говорно подрачје се чини главно несвесно, тие мислат дека ништо навистина не се променило и го мислат тоа затоа што никој не им ја кажал вистината“, рече тој.
Симптоматично, но неговите тврдења за причината за интервјуто со Путин , се совпаѓаат со напорите на Москва, со долевање масло на огнод, да ги минира преговорите во американскиот Сенат за доделување помош за Украина, нешто на што се противат републиканските претставници, чиј глас во етерот го претставува(ше) токму Карлсон
Пропутиновото минато на Карлсон
Поранешниот водител на Фокс ја критикуваше американската поддршка за Украина во војната и уште претходно го поддржуваше Путин.
Кога започна инвазијата на Русија, тој ја доведе во прашање американската помош за воените напори. Тој, исто така, лажно тврдеше дека претседателот на Украина, Зеленски бил авторитарен лидер.
„Зеленски нема интерес за слобода и демократија. Всушност, Зеленски е многу поблиску до Ленин отколку до Џорџ Вашингтон. Тој е диктатор. Тој е опасен авторитарец кој искористи сто милијарди американски даночни долари да се подигне еднопартиска полициска држава во Украина“, рече тој во 2022 година.
Слично и во 2017 година, Карлсон рече: „Зошто Владимир Путин е толку лошо момче? Тој не е Садам Хусеин, не е Адолф Хитлер, тој не е опасност за Соединетите држави“.
Контроверзните ставови и политички бекграунд на Карлсон
Карлсон е републиканец кој се противи на абортусот и контролата на оружјето.
И покрај пораките за Трамп откриени во случајот Доминион, токму поддршката на Карлсон за поранешниот претседател беше заслужна за поттикнување на неговиот успех.
Во 2021 година, магазинот Тајм го означи како „најмоќниот конзервативец во Америка“, поттикнувајќи контроверзии со десничарската реторика, додека одржуваше рекордни бројки на гледаност.
Тој редовно предизвикува контроверзии за запаливи изјави за расата, правата на ЛГБТК и други теми, а претходно оваа година Карлсон беше на удар на републиканците кога ги опиша смртоносните немири во американскиот главен град на 6 јануари 2021 година како „главно мирен хаос“.
Во 2018 година, тој рече дека имигрантите ќе ги направат САД „посиромашни и повалкани“, што ги натера огласувачите да ги прекинат врските со емисијата „Такер Карлсон вечерва“.
Тој ги бранеше постапките на Кајл Ритенхаус, тинејџерот кој во 2020 година застрела двајца демонстранти на протестите „Црните животи се важни“.
Карлсон рече дека Кеноша, градот во кој се случи пукањето, „преминал во анархија“ и додаде: „Колку сме шокирани што 17-годишниците со пушки одлучија дека мора да одржуваат ред кога никој друг не го прави тоа?
Тој даде и низа погрдни коментари за жените, вклучително велејќи ѝ на писателката Лорен Дука да се врати на пишување за чизми до бутовите наместо за политика, нарекувајќи ја новинарката Аријана Хафингтон „свиња“ и означувајќи ги Бритни Спирс и Парис Хилтон „најголемите бели к **ви во Америка“.
Времето ќе покаже дали и Такер Карсон, како и неговите неславни претходници, ќе заврши на буништето на историјата.
Преземено: Цивил Медиа