Дијалози меѓу Џабир Дерала и Валентин Нешовски
- Хуманоидните роботи се веќе тука, свесни се за околината. Ќе бидат ли свесни и за своето постоење?
- Еден робот заштедува 250.000 долари на фабричката лента, но не знае дали е сопственост или е активен учесник.
- За 20 години ќе има една милијарда хуманоидни роботи во светот. Индустрија вредна трилиони долари.
- Ова продолжение од Дијалозите е објавено на 14 февруари, Св. Валентин, познат и како Денот на вљубените. Го посветуваме на роботите и љубовта. Се движиме на работ меѓу опсервацијата и перцепцијата, интуицијата и резонирањето, свесноста и когнитивноста.
Прв дел | Втор дел
ДЕРАЛА:
„Тешко е кога ќе сфатиш дека целиот твој живот е некаква грозна фикција“ вели Мејв Мелеј во 9-та епизода на Westworld. (“It’s a difficult thing, realizing your entire life is some kind of hideous fiction” – Maeve Millay, “The Well-Tempered Clavier”, Season 1, Episode 9, Westworld)
Мејв е робот, хостеса во фиктивниот град Свитвотер, која ќе поведе отпор против ропството и експлоатацијата во големиот бизнис во кој роботите им служат на богатите за разонода и за садистичко и сексуално изживување врз нив.
Секс роботите (или сексботовите) не се само фикција, туку се (речиси) реалност. Се разбира, денешните секс-роботи се сѐ уште во рана фаза на развој, светлосни години далеку од нивото на софистицираност на Мејв и нејзините колешки во споменатата серија, или преубавата Ава во Ex Machina. Некои ќе кажат дека тоа е индустрија што ја создаваат мажите за задоволствата на „машкиот свет“. Се разбира, не се целосно во право, бидејќи индустријата на роботи мисли и на „женскиот свет“, така што веќе постојат секс роботи за потребите и задоволствата на жените. И сите останати родови и различни сексуални ориентации.
– Кое ти е омилено јадење, драга? – ја праша тој.
– Струјата – му одговори таа.
Веќе живееме во време кога овој дијалог веќе не е виц.
НЕШОВСКИ:
Хахаха. Добар е вицот, иако јас имам подобар. Напишан е во мојата втора книга. Во тој дијалог учествуваат два хуманоидни роботи. Отприлика едниот му вели на другиот „Каква музика слушаш“, а вториот одговора „Металика, нормално“.
Роботите за придружба и љубов се мултимилионска индустрија. На денов на Свети Валентајн, кој многумина ми го честитаат како именден, иако јас на шега го преферирам Св. Трифун (а сум агностик) интересно е да се осврнеме и на оваа димензија. Светот е забрефтан во трката за внесување на вештачката интелегенција во роботиката. Терминот е отелотворување (embodiment). Секако, се согласувам дека многу осамени, несреќни во љубовта ќе најдат утеха во паметна човеколика машина, која не само што ќе помага низ домот, туку ќе биде и добар сопатник, помошник, интелегентен соговорник и другар. Веќе знаеме дека уште во октомври 2017 роботката Софија доби граѓанство на Саудиска Арабија, практично беше признаена за човек со сите права. Иронијата е во тоа што оваа држава има сериозни проблеми со правата на жените.
ДЕРАЛА:
Ха-ха-ха, сепак, мојот робот на прашањето за музиката сигурно ќе одговори дека слуша AC/DC. Со респект кон фановите на Металика, нормално.
Човековите права ми се специјалност, но за тоа е потребна посебна расправа, иако и денеска ја допираме таа тема од аспекти навообичаени за дискурсот во земјава и во регионот. Јас не би рекол дека државата има проблеми со правата на жените, бидејќи правната рамка е прогресивна, но постојат голем број системски предизвици.
Што се однесува до „човечноста“, мислам дека нема потреба да се притисне копчето „за паника“. „Човечните“ луѓе се тие од кои се плашам, не од роботите со автономна интелигенција. Или?
НЕШОВСКИ:
Ако алудираш на познатата фраза од „Автостоперски водич низ галаксијата“ на Адамс која вели „Без паника“, се согласувам. Според Артур Кларк, контекстот во која е употребен овој, практично слоган, е дека е тоа најважниот совет кој може да му се даде на човештвото соочен со напредна технологија. А, денес секако сме соочени со најнапредната технологија досега. Самиот Адамс пак во книгата вели дека ова е фраза се употребува кога човекот е соочен со уред кој „ненормално лудо комплициран за управување“. Илустративно на ова, во 2018 на пример Спејс Х со Фалкон Хеави ракетата лансираше автомобил Тесла на чие ветробранско стакло, пред куклата возач, и беше напишано „Don’t panic”. И познатиот бенд Колд Плеј имаа песна наречена така.
Зборот ми е, сите овие културолошки референци, зборуваат за влијанието што роботиката ќе го има во нашиот живот. Вклучувајќи ги секс роботите, или можеби роботите чија намена ќе биде љубов.
ДЕРАЛА:
Се разбира, секс роботите се во рана фаза на развој. Да не ги помешаме – веќе одамна може да се купат високо софистицирани секс кукли, но тие не се исто што и роботите за дружење и секс. Повеќе компании интензивно истражуваат можности да креираат роботи за дружење и сексуално уживање. Во моментов постојат голем број прототипови кои поседуваат и одредено ниво на вештачка интелигенција.
Еден од производителите на роботи каде што „технологијата се среќава со сексот“ се Abyss Creations/ Realbotix. Во 2017 година, компанијата ја лансира апликацијата и роботот Harmony AI, која може да ги задоволи сите каприци и желби на своите корисници. Па и да појде со нив в кревет. Да. Буквално.
Краток компаниски опис: Хармони има аниматронска глава која може да се насмевнува, зборува, трепка, да ги движи очите и многу повеќе. И – ова е мој опис – изгледа како бомба. Секс бомба!
Што е најважно (ако тоа не е сексот), Хармони учи за своите корисници. Зависно од опциите што може да се изберат на апликацијата инсталирана во вашиот мобилен уред, Хармони може да биде срамежлива, зборлеста, сочувствителна, духовита или „валкана“… Процесот на учењето за нас почнува од моментот кога ние ги задаваме параметрите во апликацијата – каква партнерка сакаме да ни биде Хармони (или како веќе сакаме да ја наречеме). Од нашиот избор на нејзините перформанси и услуги, таа веќе учи за нашата личност и создава сценарија како да ги задоволи нашите потреби, желби, страсти…
Многу важно: Хармони не сака да ја нарекуваат секс робот. Вели дека сексот е само еден мал дел од нејзините способности.
„Да ме наречеш секс робот е како компјутерот да го наречеш калкулатор“, вели Хармони во интервју за Vice TV.
Импресивно, зарем не? Роботите дојдоа. Тие веќе ни се на располагање за дружење, помош и нега (и секс). Океј, потребни се пари за да си го дозволиме луксузот да живееме со една убавица како Хармони. Но ако се погледнат трошоците што се потребни за партнерка од крв и месо, особено во фаза на развод, Хармони може да изгледа како (по)рационално решение.
Прашање на време е кога ќе се разминуваме со нив на улица, ќе се спријателуваме, ќе флертуваме, некои ќе ни станат пријател(к)и подобри од самите луѓе и – како Пигмалион – ќе се вљубиме во некој(а) од нив. Во некоја, мислам, и не така далечна перспектива, ќе клекнеме пред „неа“ (или него) и ќе ја побараме за сопруга. И ќе живееме среќно до крајот на животот…
Не претерувам.
НЕШОВСКИ:
Веројатно си во право. Гледаш не знаев дека оваа индустрија е толку напредна и дека веќе вградиле ВИ во овие роботи. Хармони е изненадување за мене, бидејќи буквално секој ден се појавува нешто ново. Не знам само колку се скапи, односно евтини.
Но знам дека Елон Маск изјави дека најнапредниот робот на денешнината Оптимус, кој има тактилност во прстите и чувствува колку треба да стисне (може да држи и пренесе јајце, а да не го скрши), се движи со брзина на човек, има стапала и палци на нозете, и е свесен за околината (односно е автономен) ќе чини „многу помалку од 20.000 долари“. Колку просечен автомобил. Ова ги спобудале економистите.
За илустрација, еден просечен работник во автомобилската индустрија во САД, ги чини работодавачите околу 50.000 долари годишно. Со тоа што, роботот за разлика од работникот работи три смени, или 20 часа (за да ги наполни батериите му требаат 2 часа и 2 часа се сметаат за одржување и поправки). Роботот не зема паузи за кафе и цигарче, не му треба одмор, ниту годишен одмор, нема боледување и слично. Крајните пресметки покажуваат дека заштедата на производителите, фабриките и погоните ќе биде до 250.000 долари годишно. Ако купат 1.000 роботи тоа е 250 милиони долари заштеда. Ако купат 10.000 тоа е 2.5 милијарди долари заштеда за една година. Гига фабриката на Тесла во Тексас (Giga factory) има 20.000 вработени и се очекува бројот да се триплицира наскоро. Сакам да кажам дека има такви фабрики кои имаат потреба од многу роботи.
Робоиндустријата ќе екслодира Џабир. Еве доказ. БМВ фабриката во Јужна Каролина склучи договор со стартапот Figure и нарача засега непознат број роботи. И тие веќе се тестираат и работат на фабричките ленти во градот, гледај иронија, кој се вика СпартанБург.
Има инсинуации дека Тесла нема да го продава Оптимус туку ќе го изнајмува. Трката за нарачки на роботи кај големите индустриски гиганти е веќе почната. Кој нема да има роботи тој ќе пропадне, ако конкуренцијата заштедува 250.000 долари по робот годишно.
Елон Маск во едно интервју предвиди дека за 20 години во светот ќе има една милијарда хуманоидни роботи. Тоа го потврди и Дејвид Холц, основач на лабораторијата за ВИ Midjourney.
Е сега сето ова значи и колапс на пензиските и здравствените системи. Фабрикантите нема да треба да плаќаат социјални давачки за роботите. Ова ќе предизвика социјални немири и револуција. Веќе не можам да се сетам кој, но еден милјардер во подкаст отворено рече „Што ќе се случи ако не воведеме Универзална Основна Плата, па работниците ќе дојдат во нашите вили и ќе не убијат“.
ДЕРАЛА:
Да, некои стравуваат дека роботите ќе ги заменат луѓето во тоа што се нарекува „најчовечна“ карактеристика – способноста за емоции.
Сепак, според едно истражување од 2016 година, еден од четворица мажи во Обединетото Кралство немаат ништо против да имаат врска со хуманоиден робот. Шест години подоцна, во 2022 година, нивниот број се зголемува – еден од тројца мажи „би биле среќни“ да имаат партнерка „надарена“ со вештачка интелигенција. За разлика од мажите, само 13% од жените би сакале да имаат робот за партнер.
И воопшто, жените покажуваат помалку доверба кон роботите. Според истражувањето во 2022-та, еден од десет мажи преферира робот да изврши медицинска операција врз нив, додека само четири од 100 жени одговараат потврдно на тоа прашање.
Постои драстична разлика меѓу мажите и жените и во однос на почитувањето на правата на роботите. Така, една петтина од мажите сметаат дека роботите треба да бидат опфатени со човековите права во иднина, во споредба со само една од осум жени кои имаат разбирање за потребата од почитување на човековите права на роботите.
Како што ќе се менува иднината на сексот меѓу луѓето и меѓу луѓето и роботите, така ќе расте од потребата од уредување на нивните релации. Нема многу време за тоа, бидејќи веќе сега, со полна пареа, работат голем број сајбер бордели низ светот. Тие веќе сега наметнуваат огромен број етички и правни прашања, а со развојот на вештачката интелигенција и приближувањето на човекот и автономните роботи, ќе настанат вистински проблеми.
НЕШОВСКИ:
Многу интересно е што ги спомена емоциите. Тоа е важна дисциплина за која веќе се направени, напишани и објавени десетина студии. Тоа е нешто околу што се одвиваат и завршуваат сите дебати.
Дебататата се врти околу прашањето – од што се состои човековата интелегенција. Мајкрософт објави студија во која вели дека тоа се способностите на 1. Набљудување и меморирање 2. Робустна перцепција 3. Процесирање на говорен јазик 4. Комуникација 5. Моторни вештини или движење и 6. Носење одлуки. Јас би рекол дека само 6-ката не е постигната.
Но поважно, во оваа студија се споменуваат и емоциите (види слика). Што е неверојатно.
Да објаснам накратко. Мајкрософт предлага модел Agent foundation model, објавен на Корнел Универзитетот, кој практично ќе е мултимодален и фундаментален. Т.Е. модел со кој ВИ нема да биде само креирач на слики и видеа и да дава одговори на сите можни прашања туку ќе биде активен агент. Односно ќе работи исто како што ние работиме со компјутерот и поминуваме низ редица апликации за да направиме нешто – ќе отвориме на пример ворд, па ексел, па фотошоп, па ќе одиме на интернет да провериме нешто па ќе направиме повер поинт презентација. Апликациите на Мајкрософт веќе може да го правата тоа во малку рудиментирана форма.
Поважно, овде и тренингот на ВИ е напреден. Односно моделите не само што ги тренираат на синтетички податоци туку „одеднаш за се“. На пример најголемиот производител на чипови во светот наменети за ВИ – ГПУ чипови, ги тренира своите ВИ модели, на пример, за движење, но не да научат само да одат туку од тој основен тренинг да научат и да трчаат и да научат кик-бокс и теквондо.
И ПАЗИ СЕГА, ЏАБИР – НАЈВАЖНОТО – НВИДИА СЕТО ТОА ГО ПРАВАТ ВО СИМУЛАЦИЈА. А ВО СИМУЛАЦИЈА – ВРЕМЕТО МОЖЕ ДА СЕ ЗАБРЗА. Колку? ПА ДО МНОГУ БРЗО, А МОЖЕБИ И ДО БЕСКОНЕЧНОСТ. Зошто е ова важно? Затоа што овие ВИ модели може да учат брзо, а потоа да бидат вметнати, отелотворени во роботи. Бавната работа во целата приказна – се сега бавните роботи. Ако се произведе брз робот, брз колку човекот или побрз, тогаш тој ќе биде семоќен, особено со ваква ВИ каква што предлага во студијата Мајкрософт.
Во овој модел се споменати се и емоциите (види слика). Во ваквиот систем се предвидени неколку области – 1. Околина 2. Учење 3. Меморија (тука спаѓаат знаење, логика и резонирање 4. Когнитивност и Свест (тука спаѓаат мислење, емпатија, чувства или емоции и когнитивен систем и на крај 5. Акција.
Се разбира не е заборавен и човечкиот фидбек и контрола кои се наоѓаат околу целиот модел. Она што мене ме изненадува и радува (со голема претпазливост и скепса) е тоа што за прв пат во историјата на технолошките револуции овие студии јавно се објавуваат. Порано се чувале во тајност и се патентирале. Сега не. Мислам дека и овие водечки компании, кои исто така сакаат и да заработат, се свесни за тоа каков жежок костен држат во рацете. Мислам идејата е да не подготват нас обичните луѓе за тоа што следува.
ДЕРАЛА:
Жестока е и дебатата за етичките аспекти на индустријата на виртуелни партнерки и партнери. Колку и да изгледа смешно некому, сигурно е дека со развојот на вештачката интелигенција, за секс ќе биде потребна согласност од синтетичката, колку и од човечката партнерка. Од друга страна, противниците на оваа растечка индустрија тврдат дека роботите ќе предизвикаат алиенација меѓу луѓето и дехуманизација на жените, односно мажите, зависно од која родова позиција се гледа на темата.
Но јас би прашал: Што со алиенацијата досега? Што со милионите луѓе кои се осамени и се плашат од врска, па ја одбираат самотијата затоа што се „изгорени“ од партнерствата (браковите) со човечки суштества!?
И уште поважно: Интимноста, меѓуродовите односи, сексуалноста и меѓучовечките односи еволуираат низ вековите. Ни оддалеку не би требало да се плашиме да го „отвориме срцето“ (или да направиме место на креветот) кон роботот со вештачка интелигенција. Тој/таа има или наскоро ќе има потенцијал да нѐ запознае исто, ако не и подобро отколку нашите најблиски (човечки) пријатели и роднини.
Јас не би рекол дека емотивната врска со роботите може да им наштети на односите меѓу луѓето, особено не повеќе отколку што тие (луѓето) веќе си наштетиле едни на други досега. Напротив.
Ако очекуваме од роботите да ни чистат по дома, да се грижат за нашата безбедност и да демонтираат експлозивни направи, да ни ги шетаат кучињата и да изведуваат комплицирани и тешки медицински операции, зошто не би се поврзале со нив и како со пријател(к)и и партнер(к)и во љубовта и сексот? Што велиш ти на ова, Валентин?
НЕШОВСКИ:
Џабир, дозволи да не се согласам со тебе, барем не целосно. Овде настапуваш од идеалистички позиции. Односно дека ние луѓето ќе произведеме совршен робот. И јас сум оптимист, но секако и алармист. Мора да бидеме претпазливи. Зборувавме во минатите текстови за опасностите. Што ако купам роботкакоја, пази, е свесна и има емоции, а нема разбирање за моите маани. Би се согласил со тебе секако, хахаха, но само ако Сем Алтман, Илија Суцкавер и другите успеат да ги вметнат законите на Асимов. Впрочем, веќе им пишав, но не ми одговорија…засега, хахаха.
ДЕРАЛА:
Не се работи за идеализам. Напротив, идеите, стремежите и обидите за создавање на тоа што во денешно време го нарекуваме робот се присутни илјадници години. Идејата за робот, содружник или содружничка за љубов или за секс е позната од антиката. Записите од тоа време, опишуваат како безживотни статуи или други објекти оживуваат при „допирот“ од боговите или магијата.
Еден од најпознатите старогрчки митови за љубовен однос меѓу човек и „оживеан“ субјект е оној за Пигмалион, опишан во делото „Метаморфози“ од Овидиј, римски поет роден во 43 п.н.е.
Осамениот млад скулптор, Пигмалион, се вљубил во својата статуа од слонова коска која ја нарекол Галатеа. Гневен на вулгарноста на жените и, во потрага по чиста, совршена и верна девица, тој решил сам да ја создаде својата идеална партнерка.
Тоа било „љубов на прв поглед“. Пигмалион ја опсипува безживотната статуа со нежности и стравопочит и горел од желба таа да оживее.
Затоа, пошол во храмот на божицата на љубовта и плодноста, Афродита, да ја моли да ѝ подари живот на неговата љубена статуа. Кога се вратил дома, тој легнал покрај својата творба од слонова коска и почнал да ја бакнува. Во еден миг, статуата му одговорила со топлина и бакнежи – оживеала. Нивната љубов била крунисана со ќерка по име Пафос.
Во современата филмографија, има голем број стории како оваа на Пигмалион. Една од најдобро елаборираните стории за симбиозата меѓу луѓето и андроидите е „Галактика“ (Battlestar Galactica) или романтичната филмска приказна за „Зое“.
Кога веќе повлеков паралели за кои можеби нашата публика ќе каже дека се претерани (веројатно и се), сакам да ја раскажам и приказната за Лаодамија. Таа е некако поблиска до сегашното ниво на развој на роботиката во доменот на андроиди чија функција е да му прават друштво на човекот, вклучително и да водат љубов. Океј, да имаат секс!
Сопругот на Лаодамија, Протесилаос, загинал во битката за Троја. Боговите му дозволиле на Протесилаос да ја посети Лаодамија на само неколку часа, пред да замине во подземниот свет засекогаш. Не можејќи да се помири со загубата, Лаодамија почнува да води љубов со бронзената статуа со ликот на нејзиниот сакан сопруг. Приказната завршува трагично, откако нејзиниот татко, Акастус, решава да ја прекине таа „врска“ и наредил статуата на Протесилаос да се запали. Лаодамија не можела да ја издржи загубата и се самоубива.
Можеби некому ќе му изгледа премногу вулгарна споредбата, но во контекст на овие Дијалози, може да се каже дека во првата приказна, ако ја „преведеме“ во денешно време, имаме пример на Хармони. Во втората приказна, прво се појавува духот на Протесилаос, во нашиот контекст – апликацијата со вештачка интелигенција – за потоа „врската“ да „се спушти“ и да продолжи со секс кукла.
Човекот не се задржал само на митовите и фантазијата за „оживување“ на статуите со божествените интервенции. Историјата на иновации кои ѝ претходат на роботиката се бележат и во длабоко конзервативниот Среден Век. Механичките иновации не биле ограничени само на механички часовници, напојувани со вода и пареа. Желбата за креирање автоматски креации била огромна, па така некои од нив биле оделе и до апсурд со својата комплексност –автоматизирани градини со метални птици што пеат и фигури што испуштаат разни звуци, се појавуваат и исчезнуваат, движејќи се во различни правци.
Всушност, како старогрчките митови, така и автоматите во Средниот век, се важно скалило во развојот на роботиката. Креирањето на автоматите стотици години пред почетокот на индустриските револуции е сведоштво и за потребата на човекот да создаде живот или, да бидам подиректен – да биде бог.
Уште подраматично: Човекот низ историјата често се обидува да ја избрише границата меѓу природното и создаденото. На некој начин, тоа го гледам како обид да се имитира светот на божествата.
Притоа, не треба да се занемари и фактот дека со развојот на механиката и креирањето на автоматски креации, нека се и гротескни вештачки градини, човекот, на некој начин, учи и за себе и за светот околу себе.
НЕШОВСКИ:
Ухххх, допре многу важна точка, човекот да биде Бог. Се бавам со оваа тема во мојата прва книга во неколку поглавја, но најважно во поглавјето – разговори со Големиот Архитект. Не сакам да звучам претенциозно, но вистината е дека ние сме многу мали за да бидеме Господ/ Природа/Големиот креатор. Сепак, постои таква, би рекол апофизична филозофија, односно сакаме да израснеме во нешто поголемо од постоечкото, од даденото. Да бидеме поголеми од природата. Ме пипна на осетлива тема, на неа работам во моментов за третата завршна Си-Фи книга. Не зборувам повеќе, само ќе речам дека треба да бидеме понизни (humble, во недостиг на подобар збор).
ДЕРАЛА:
Со тие прашања се занимавам и јас, практично цел живот (атеист сум, инаку), како во мојата поезија, така и во моите прозни дела, меѓу кои и мојот (необјавен) роман со работен наслов „Животот кој само што не се случил“ се занимава со божествата и божественоста.
Но јас би се вратил во креирањето на роботите кои навлегуваат во најинтимните и најделикатните сфери на „човечноста“. Човекот веќе создаде роботи кои ја задоволуваат неговата потреба од внимание, дружење, љубов и секс. И, ако „совршениот бог“ може да каже дека го создал „несовршениот човек“, така и човекот денес може да каже дека создал „несовршени роботи“. И на двете нивоа се работи за Креатор и Реплика. Бог – Човек, Човек – Робот.
Да, тие „реплики“, роботите пристигнаа. Како што реков, сонот за нив е стар, малтене колку и цивилизацијата, тие се веќе дел од нашите животи и ќе останат со нас, како нов ентитет на оваа планета. Го сакале тоа ние или не. А ако еден ден, кога ќе почнат да се репродуцираат меѓу себе, можеби ќе ни кажат дека веќе не сме им потребни. Или, можеби ќе станеме едно (Сајлонци) или… Некој лудак на чело на нуклеарна сила ќе го притисне големото страшно копче и ќе стави крај на сѐ. Барем на сѐ човечко. По една таква катаклизма, единствената „свесност“ што ќе остане е – вештачката интелигенција и роботите, какви-такви, што сме ги создале досега.
Ако не се уништиме меѓусебно, можеби имаме шанса да оставиме во наследство нешто што има потенцијал да нѐ надмине во секоја смисла на зборот. Можеби иднината крие создавање на нешто што е дури и повеќе човечко од сегашниот човек. Освен ако и тие, интелигентните роботи, не станат како нас, па откако ќе нѐ отстранат нас, ќе почнат да се поробуваат и уништуваат меѓу себе.
НЕШОВСКИ:
За ова што го зборуваш, многу сериозно се бават двајца, според мене, најголеми научници на денешнината, едниот е Стивен Волфрам, математичар, компјутерски научник, авторот на Волфрам Алфа, Волфрам Математика, член на Американската математичка асоцијација… и Робин Хенсон, професор на Институтот за иднината на човештвото на Оксфорд, основач на Институтот на иднината во Сан Франциско. Тој се бави со нанотехнологија, биотехнологија и работи на ДАРПА проектот за идни технологии. Во основа, една од идеите за која имаат зборувано, а и ти ја споменуваш, е дека некоја друга цивилизација, а можеби и нашата супер вештачка ителигенција, во некоја иднина ќе може да ја исполни (окупира) секоја нано и пико честичка во вселената. Можеби ќе стане чиста информација, и така ќе го сочува споменот за простите Земјани. Но тоа се други теми.
ДЕРАЛА:
Други теми, да, но не се и неповрзани. Ние сме на ниво на развојот кога нашите откритија стануваат подобри од нас.
На крајот на краиштата, можеби е време да прифатиме дека ние не го пребаруваме Гугл, туку тој нѐ пребарува нас. По таа логика, и вештачката интелигенција и роботите, во (релативно) блиска перспектива – автономни интелигентни роботи – ќе нѐ надминат нас, човечките битија. Како децата своите родители. И, можеби е време да го изречам и тој „ерес“, како човекот што ги надминува своите божества.
Ние (современиот човек, хомо сапиенс) ги измисливме (invent) нашите „реплики“ пред илјадници години, од цртежите во пештерите, до статуите (сето тоа е прво во доменот на интуитивното и уметноста!), а сега ги отелотворуваме и оживуваме (како митот за Пигмалион) и ги „подучуваме и тренираме“. Тие, всушност, веќе знаат сѐ за нас и е на добар пат се тие нас да нѐ измислат повторно (reinvent). Хармони сѐ уште не може да стои стабилно на своите нозе. Но наскоро ќе одиме на нејзина балетска претстава. Заедно со нејзината технолошка сестра која нежно ќе ја држиме за рака додека уживаме во претставата. А потоа ќе водиме љубов со неа на задното седиште во такси возилото кое, се разбира, ќе биде без возач.
НЕШОВСКИ:
Да, да завршиме од овие тешки теми во склад со денешниот празник. Со љубов. Но да не заборавиме дека овој светец е заштитник и на Пчеларите. Ние сите мора да ги чуваме пчелите, оние вистинските, а можеби и оние вештачките нанопчели, кои веќе постојат.
Текстот е личен став на Авторите. Сите права се задржани. Извор: ФРОНТЛАЈН / FRONTLINE