По повод Денот на Националната инфраструктура на просторните податоци, Скопје од денеска е домаќин на дводневна меѓународна конференција на која експерти и претставници на институции ги презентираат и разговараат за актуелните трендови во областа на инфраструктурата на просторни податоци и европската зелена агенда во нивните земји и на светско ниво.
Претседателот на Советот на НИПП, Фатмир Битиќи ја истакна важноста на просторните податоци за економијата и општеството и укажа на трендовите во Европската унија кон нивно отворање.
-Имајќи во вид дека Националната инфраструктура на просторни податоци овозможува меѓусебно комбинирање на податоците од различни извори и создавање на нови информации, нивната моќ станува уште пого-лема. Овие информации се значајни како за економијата така и за општеството. Тие се клучен фактор за креирање политики, особено во борбата против климатските промени, намалувањето на загаденоста на воздухот во урбаните средини и подобрување на транспортната инфраструктура. Трендот на земјите членки на Европската унија по однос на податоците е насочен кон нивно отворање. На нашата држава како земја кандидат за членка во Европската Унија ѝ претстојат обврски за транспонирање на директивата за отворени податоци во националното законодавство, рече Битиќи.
На конференцијата по повод петтиот Ден на Националната инфраструктура на просторните податоци, од Катастарот порачаа дека од формирањето на НИПП до денес постојано се залагаат за примена на нови технологии, стандарди и услуги, што јасно го покажува и НИПП гео-порталот. Тој, како што информираат во соопштение, овозможува брз, автоматизиран и непречен пристап до просторните податоци, како и нивна интероперабилна размена. Ги интегрира просторните податоци од сите државни институции во едно централизирано место од каде тие се достапни за користење до сите корисници во и надвор од државава.
Агенцијата за катастар на недвижности ги координира НИПП активностите во кои учествуваат државни институции, членки во националната инфраструктура на просторни податоци. На граѓаните, органите на државната управа и јавниот и приватниот сектор им се на располагање податоците објавени на НИПП геопорталот.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Борис Тунџев рече дека конференцијата е можност да се сретнат колегите кои посветено работат на развивање на националната инфраструктура на просторни податоци во своите земји и да ги разменат сопствените искуства.
Искуството пак, кое во оваа област го има АКН, се базира на улогата која ја има како национален координатор. Покрај добрата координација, успехот во НИПП зависи и од податоците објавени на геопорталот и од условите за нивно користење. Отворените податоци ги зголемуваат перформансите и транспарентноста на институциите од јавниот сектор. Тие создаваат значителна вредност за општеството во целина, влијаат на нашиот секојдневен живот и се двигател на економскиот раст, рече Тунџев.
Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, пак, укажа дека МЖСП е активно вклучено во воспоставувањето на Националната инфраструктура за просторни податоци и оти засилено инвестира во развој на ВЕБ ГИС апликацијата за прибирање, обработка и презентирање на геопросторните податоци од делокругот на работењето на Министерството. Оваа година обезбедиле средства за изработка на ВЕБ базиран информативен систем и интегрирање на геопросторните податоци во гео-дата база согласно INSPIRE директивата.
-Целта и предизвикот на Министерството за животна средина и просторно планирање е да се овозможи побрза и поефикасна обработка на доспеаните барања што се однесуваат за просторна идентификација, издавање на мислења, одобренија, дозволи и и да се олесни јавниот пристапот до податоците поврзани со заштитата и следењето на животната средина, рече Шукова.
Денот на НИПП беше востановен пред пет години од страна на Агенцијата за катастар на недвижности и се одбележува секој 24 февруари.