Во Музејот на современата уметност – Скопје вечер ќе биде отворена самостојна изложба на холандскиот уметник Јонас Стал – „Станица Пропаганда“. Кураторка на изложбата е Ивана Васева.
Стал, кој ќе биде специјален гостин на Музејот, е препознатлив по истражување на односот меѓу уметноста, пропагандата и демократијата. Неодамна ја доби и престижната награда за визуелни уметности „Prix de Rome“.
– Еден од главните елементи кои ја градат инсталацијата на Стал, специјално создадена за Музејот на современата уметност – Скопје е видео студијата „Пропаганден театар“ од 2023 година, преку која го сумира десетгодишното истражување за пропагандата, информира МСУ.
В сабота, на 2 март во 12 часот, во соработка со кураторката, Стал организира Школа за пропаганда „Антиквизациска пропаганда. Од Скопје 2014 до Скопје – Eвропска престолнина на културата 2028“. Влезот ќе биде слободен.
Сталч во 2021 година ја донираше на МСУ инсталацијата „Нови Сојузи“ (New Unions 2016 – 2019), која беше дел од групната изложба „Се што ни е заедничко“. Делото ќе може уште еднаш да се погледне на изложбата „АКВИЗИЦИИ – ДОНАЦИИ 2022-2023“, курирана од Ива Димовски, која ќе се отвори кон средината на оваа година.
Стал досега учествувал на многу изложби, а неговите проекти се изложени во светки познати музеи, во Амстердам, во Антверпен, во Стокхолм, во Сеул… Има објавено повеќе публикации за пропагандата и пропагандната уметност.