По неуспешните преговори со Германските железници (Дојче Бан, ДБ), синдикатот на машиновозачите ГДЛ денеска најави нов штрајк кој треба да започне во четврток и да заврши во петок.
-Штрајкот на машиновозачите во патничкиот сообраќај ќе започне во четврток во 2 часот по полноќ и треба да трае 35 часа, изјави директорот на синдикатот на машиновозачите ГДЛ Клаус Веселски.
Потоа треба да следуваат низа штрајкови кои ГДЛ повеќе нема да ги најавува однапред.
-Ова ќе ја направи железницата повеќе да не е сигурно превозно средство, рече Веселски.
Тој го обвини раководството на ДБ за прекин на преговорите за платите и работното време, кои, како што рече, „не мрднале ни милиметар“.
Спорно прашање останува барањето на ГДЛ за намалување на работното време од 38 на 35 часа месечно, со иста плата. ДБ предложи флексибилен модел, но со откажување на дел од платата. По неколку недели, преговорите прекинаа во текот на викендот.
ГДЛ и ДБ преговараат од ноември, а во овој период машиновозачите штрајкуваа четири пати.
Министерот за транспорт, Волкер Висинг апелираше до ГДЛ да се откаже од своите „максимални барања“ и да се врати на преговарачката маса.
Здружението на патници Про Бан ги обвини двете страни дека ја отежнуваат ситуацијата за патниците во железницата и ги загрозуваат напорите да се убедат граѓаните да користат јавен превоз.
-Она што се случува помеѓу ГДЛ и ДБ е невозможно да им се објасни на патниците, рече Про Бан. Ова здружение апелираше до државата, која е сопственик на ДБ, да интервенира во корист на патниците.