На „Јутуб“од каналот GoliTru се објавени 5 нови аудио снимки од разговори од кои се слуша како пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски разговара со повеќе лица и угрира за донесување на судска одлука во корист на неговиот татко. Антонијо Милошоски, разговара со тогаш претседателот на Врховен суд Јово Вангеловски Превара во врска со предмет за Здружение на возачи Кичево, во кој бил вмешан и таткото од Антонио Милошоски, а за кој одлучувал Врховниот суд.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Милошоски телефонски комуницира со претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски Превара и уште неколку судии за да се донесе судска одлука во корист на неговиот татко.
На првата снимка се слуша како Антонијо Милошоски разговара со тогаш претседателот на Врховен Јово Вангеловски Превара.
„Сакав да те прашам, за ова што ти споменав за тој предметот на Здружение на возачи-Кичево. Татко ми ми се јави ми кажа дека добил некоја информација сега од Врховен суд, дека е одлучено, но не баш поволно. Па реков да те прашам, да не имаш некаква информација?“, прашува Милошоски.
„Сега, ќе се јавам. Затоа што тој предмет беше кај Николчо Николовски. Јас убаво му кажав и за кого е, и како е, и за кого“, му одговори Вангеловски.
„Ајде важи. ако можеш провери го, поврзи ме со него, па да го чуеме“, вели Милошоски.
„Еј може и вака, директно, најдиректно. Бидејќи ќе имате комуникација“ вели Вангеловски по што му го диктира телефонскиот број.
„Ќе му се јавам ќе му кажам дека сме се чуле“, му вели Милошоски на Вангеловски
Во втората снимка се слуша Антонијо Милошоски, кој разговара со судијата Николче Николовски. Милошоски му кажува дека пред некое време разговарал со Јово за предметот за Здружение на возачи-Кичево
Милошоски му објаснува на судијата Николовски за предметот за Здружение за возачи-Кичево, и му појаснува дека имало жалба против татко му.
„Нешто да не имаш некој исход или како се движат работите?“, го прашува Милошоски судијата, по што Судијата му вели:
„Кажи ми што предмет беше тоа? Работен спор да не беше тоа? Боледување нешто, таква работа“, а Милошоски му потврдува дека се работело за наводна злоупотреба на боледување.
„Мислам, да ти кажам право, дека помина со усвојување, дали се укина и се врати назад, сега не ме рече за збор. Имаше само некоја контрадикторност во, ова ти зборувам во сеќавање. Може ли утре да видам, па да се слушнеме?“, вели судијата, а Милошоски враќа: „Да, да, може, секако. А веќе е завршено, запишано се?“
„Не сум сигурен, да погледнам утре во писарницата и ако сакаш утре или во четврток да се слушнеме. Утре би ти се јавил јас, ама утре судиме. Некаде после два“, вели судијата, а Милошоски му одговара: „Важи, важи, јас сум цел ден во Собрание, може во секое време“. Судијата на крајот од разговорот вели: „Само бидејќи не ти се чита бројот, пушти ми една порака, за да знам на кој број да се јавам, договорено“.
Во третиот разговор Антонијо Милошоски разговара со неговиот татко. Милошоски му објаснува што е направено и и што може да се направи понатаму.
„Се слушнав со тој, Николче Николовски, некој од Врховен, Јово ми го препорача. Па да видиме утре да проверат. Имаше некоја нелогичност во здравственото, во контролата, нешто така. Го гледам нешто вртеше околу“, вели Милошоски.
Татко му одговара
„Не, не, завршена работа. Оти јас бев досега, од брод, правникот Зоре, па да се видиме… Ги однесов до „Панорама“, па сега пред околу саат време ми се јави Анче. Прво ми кажа за ова што е, дека тоа е вратено на соочување…“
„Џабе се јавуваше тој Јово од Врховен, ама аирлија, тие само за пари работаат и за ништо друго“, вели Милошоски, на што добива одговор: „Па сега, што е тоа е, нема што да правиме. Да се јавам кај оваа од Гостивар, да видам таму како е што е…“
Во четвртиот разговор се слуша како Милошоски кажува дека закажано е судењето за 10 чесот, на што добива одговор од женскиот глас дека се јавила кај судијата и дека ќе го потсети уште еднаш.
Соговорничката му вели на Милошоски дека е запозната и му кажува дека до судењата се одлагале, дека го побарала но бил излезен и кога го добила имал странки во канцеларија и рекол да нема гајле дека ќе намине да се видат
„Ама не дојде, веројатно многу се задржал“, му вели соговорничката на Милошоски, па му порачува да нема гајле дека ќе го потсети наредниот ден уште еднаш и го успокојува дека ќе нема проблем. Милошоски и се извинува на соговорничката, а таа вели:
„Нема проблем, што може, тука сме“.
Во последната аудио снимка разговараат Милошоски и Јово Вангеловски Превара.
„Направивме муабет, ама не знам, Николчо. Сега барам една адвокатка од Кичево, што го застапувала тој од спротивнава страна, како да не испаднала работава. Оти Основен пресуди дека човеков е правилно испуштен од работа затоа што користел лажно лекарсно уверение. Апелација потврди исто дека е правилно решението за испуштање од работа затоа што е користено лажно лекарско уверение. И сега, Николчо вчера не ми беше јасен или можеби не сакаше да биде јасен, па не знам имаше таму некоја фалинка, нешто, ај дозволи ми утре да проверам. Мене ми е многу важно, ако ово предмет падне, ќе треба Здружението на возачи од Кичево да му исплати на овој 35 илјади евра и да го врати на работа. Ставарно користеше лажно, затоа што јас тогаш Маја Парнаџиева ја замолив да прати инспектор и појде во увидните книги, бил ли кај вас овој пациент – не бил прати инспектори, зашто човеков си мереше по кафани низ Кичево, мислам мал град е. Така шо не знам Николчо што направил, ама ако можеш да интервентираш дополнително“, му објаснува Милошоски на Вангеловски во разговорот.
„Вака, Николчо сега од сабајле суди. Некаде околу еден саат обично прават пауза, така да веднаш чим ќе биде достапен, ќе го направам тој муабет со него. Малку, да ти кажам ми е чудно неговото кажување, бидејќи многу убаво знаеше. Претпоставувам и ти кажа дека знаеше за случајот, нели?“, му вели Вангеловски на Милошоски.
„Па тој се сети на случајот“, вели Милошоски, а Јово Вангеловски го прашува: „А се сети на тоа дека јас му кажав?“. Милошоски му одговара дека не спомнал ништо и му рекол: „Да видам, дозволи ми да проверам, да видам како е…Така, малку..“.
„Многу јасно и концизно му кажав за кого станува збор, да го има во предвид, нели…? Затоа ми е малку симптоматично тоа негово објаснување. Во секој случај, ќе ти се јавам веднаш после тоа“, вели Вангеловски.
„Важи, важи, договорено.“ му одговора Антонио Милошоски на тогаш претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски Превара.
Ј. Ѓ.